Коронавирусот го откажа спектаклот во Веспрем, Кил не доаѓа во Унгарија

Ревијалниот натпревар кој требаше да се игра денеска помеѓу Веспрем и Кил е откажан заради сомнителен случај на коронавирус на еден од луѓето поврзани со унгарскиот тим.

Овој натпревар требаше да биде проштален за легендите Ласло Наѓ, Момир Илиќ, Арпад Штербик и голманот Нандор Фазекаш, но сепак нема да се одигра. На својот сајт Веспрем објави официјално соопштение.

„Пред натпреварот двете екипи беа тестирани на Ковид-19 и резултатите на играчите и стручниот штаб на двете екипи беа негативни. Но, во поширокото опкружување на луѓето од нашиот тим има лице за кое се сомневаме дека е заразено. За ова беше известен Кил и двете екипи заеднички одлучија натпреварот да не се одигра од безбедносни причини“, стои во соопштението од Веспрем.

Останува неизвесно дали овој ревијален натпревар ќе биде презакажан за друг датум или воопшто нема да се одигра.