Коронавирусот секаде донесе промени – во каков формат се играат националните првенства низ Европа

Последните национални првенства беа прекинати заради коронавирусот, а тоа беше причина во многу земји да нема испаѓање од елитните конкуренции. На тој начин бројот на екипи се зголеми бидејќи најдобрите тимови од втората лига добија место во елитната конкуренција.

Форматот на натпреварување најчесто е двокружен систем по што се добива шампионот, а има првенства каде што се игра и плеј-оф и плеј-аут. Рускиот „Брз Центар“ направи анализа на првенствата, а македонското го смести во они е кои направиле најголема промена за следната сезона.

Сите првенства се слични ширум Европа, а најдобрите во споредба со лани се разликуваат само во бројот на екипи кои се натпреваруваат. Во Германија ќе има 20 екипи наместо 18, исто така и Франција има плус два тима, додека во Шпанија остануваат 16 екипи.

Од најдобрите првенства, Унгарија се разликува по тоа што освен двокружен систем за шампион на земјата се одлучува со двомеч помеѓу најдобро пласираните екипи после регуларниот дел. Слично е и во Украина со тоа што доколку водечките екипи се во израмнети или со минимална разлика се играат дополнителни натправари. Ракометот во Белорусија е во подем, но и понатаму немаат многу квалитетни екипи во лигата и нивото е пониско. Тие од шест тима ја проширија лигата на осум со цел да се зголеми бројот на натпревари со поквалитетни противници.

Земјите каде што се игра двокружен систем плус плеј-оф се Полска, Норвешка, Швајцарија, Словачка, Русија, Финска, Чешка, Исланд, Израел, Грција, Косово, Бугарија и Црна Гора. Шведска се разликува по тоа што се играат два и пол круга. Исто така популарен формат на првенствата е поделба на екипите на две групи плеј-оф и плеј-аут, како што е во Португалија, Словенија и Луксембург.

Различен формат на натпреварување има во земјите кои имаат претставници во регионалните натпреварувања. Во балканските земји екипите кои играат во СЕХА лигата се ослободени од првата фаза во домашното првенство и се приклучуваат во натпреварувањето на пролет во плеј офот. Во Хрватска и Србија најдобрите четири екипи од регуларниот дел плус учесниците од СЕХА играат двокружен систем по што се добива шампионот. Ваквиот формат беше и во нашата лига до минатата сезона.

Во претстојната сезона Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат во СЕХА лигата, а ќе се приклучат во плеј офот каде што ќе играат и најдобрите три екипи од двете групи по седум тима кои ќе играат двокружен систем.