„Коронавирусот им беше само изговор за да се ослободат од нас“

Во Балтичката лига се натпреваруваа клубови од Литванија, Естонија, Летонија, Украина, Белорусија и Финска, но раководството на лигата одлучи да направи промени од наредната сезона. Во лигата ќе се натпреваруваат по четири екипи од Литванија, Естонија и Летонија.

Претседателот на белоруската екипа СКА Минск смета дека луѓето од раководството на Балтичката лига го искористиле коронавирусот како причина да ги исклучат екипите од Украина, Белорусија и Финска, иако некои од нив направиле големи вложувања за развој.

„Претставницие од Балтичката лига се однесуваа многу непристојно. Претходната сезона беше тешка за нас, но отидовме на сите натпревари во балтичките држави. Но со оглед на меѓународниот формат на натпреварите би требало и тие да дојдат на натпревари во Финска или Белорусија. Финците изградија нова сала сакаа да привлечат навивачи, исто така и ние. Растојанието не е толку големо помеѓу државите, но се чини дека лидерите на Балтичката лига најдоа добра причина во коронавирусот да се ослободат од нас. Да се исфрлат некои послаби тимови според мене е во ред, но да се исфрли финскиот Кокс кој последните две години играше во Лигата на шампионите е несфатливо. Тешко е  да разберам за каков развој на Балтичката лига зборуваме со вакви потези“ изјави Андреј Каренов на белоруските медиуми.

Новиот формат предвидува клубовите, најдобрите четири екипи од Литванија, Летонија и Естонија, наредната сезона да насапуваат само во Балтичката лига, а за натпреварите од плеј офот да се приклучат на домашното првенство.