Колку македонски екипи може да играат во Европа следната сезона

Со елиминацијата на Вардар од Лигата на шампионите заврши евро-сезоната за македонските претставници. Македонија оваа ковид-сезона имаше шест претставници во Европа.

Четири во машка (Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел Скопје) и два во женска конкуренција (Чаир и Куманово). Дамите беа елиминирани уште во второто, односно третото коло од ЕХФ Купот, додека Металург по две квалификациски кола стигна до групната фаза во Лигата на Европа. Во истото натпреварување, Еурофарм Пелистер стигна до осминафиналето, а Вардар беше запрен во истата фаза од Лигата на шампионите.

Следната сезона, според рејтингот во машка конкуренција Македонија (5 место и коефициент 93,00) има право на еден претставник во ЛШ, како и три во ЛЕ (еден во групна фаза, еден во второ квалификациско коло и еден во прво квалификациско коло). Овој рејтинг кој го објави ЕХФ лани во текот на летото за сезоната 2021/22 е направен врз основа на резултатите од 2017/18, 2018/19 и 2019/20 без актуелната сезона. Во поглед на директното место во ЛШ веројатно може да бидеме мирни уште за сезоната 2022/23, а за потоа, македонските претставници ќе мора да напредуваат повеќе од осминафиналето и да собираат повеќе бодови.

Тимовите од држави што се позади Македонија (Португалија, Данска, Полска, а од позадина Украина и Белорусија) имаат добри резултати и се на добар пат да стигнат до македонскиот рејтинг.

Кај дамите, за следната сезона 2021/22, Македонија се наоѓа на 15 место со коефициент 35,00 и со големи шанси за сезоната после неа, 2022/23 да падне и надвор од ТОП 20. Од следната сезона 2021/22 го губиме местото во ЛШ, кое поради претходниот висок рејтинг и резултатите на Вардар ни беше достапно. Во јуни, РФМ ќе има право да пријави четири екипи, од кои две во Лигата на Европа и две во ЕХФ Купот. Иако има правило оние екипи што избориле пласман во повисоко рангирано натпреварување, не можат да играат во послабо, јасно е дека нивото на македонските женски екипи е ЕХФ Купот.

Поради тоа што веројатно и следната сезона ќе биде со предзнак корона, ЕХФ ќе доделува и вајлд-карти, а од Македонија кај мажите би можело да имаме уште еден или два заинтересирани тима за настап во Лигата на Европа. Но затоа ќе го почекаме јуни.