ФОТО НА ДЕНОТ: КОГА ЌЕ ТИ ПОТОНАТ СИТЕ БРОДОВИ…

Некогаш Мартин Галиа имаше двоцифрен број одбрани кога Чешка играше со Македонија, но сега сигурно ќе го паметиме Томаш Мрква. Човекот кој ја носеше неизвесноста на дуелите меѓу Македонија и Чешка и беше бедем меѓу стативите на својата селекција.

Голманот на бундеслигашот Бергишер, кој од следната сезона ќе брани за гигантот Кил, беше херој на мечот во Злин со 18 одбрани, кога Чешка се врати од „минус седум“ за реми. Овојпат дуелот во Скопје на кој Чешка загуби со 27-25, сигурно нема да го памети по добро.

Мрква успеа да собере 13 одбрани во Скопје, меѓу кои и еден пенал, сепак во клучниот момент кој веројатно и го пресуди патникот на Светското првенство 2023, не успеа да го спаси пенал ударот на Филип Кузмановски со кој беше заверена победата и пласман на Мундијалот во Полска и Шведска.
Мрква на неполна минута пред крај на вториот дуел се чинеше дека ја има топката по ударот од седум метри на Кузмановски, но не успеа да ја исконтролира доволно за да и овозможи на чешката селекција напад за ново реми кое ќе ги одведеше гостите на Светско… Затоа македонските репрезентативци можеа да започнат со славјето на 27. – победнички гол и пласман на нов голем ракметен собир.

Чешкиот голман уште долго време ќе се сеќава на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски (постигна 12 гола на двата меча) и последниот примен гол…