КЛ7 лесно се справи со Партизан и обезбеди следна рунда во Купот

Ракометарите на КЛ7 имаа многу лесна задача во Купот на Македонија и убедливо обезбедија пласман во осминафиналето откако го совладаа тимот на Партизан како гости со високи 45:19.

Во ниту еден момент од натпреварот немаше неизвесност околу победникот. КЛ7 после почетните 2:2 целосно ја презема контролата на играта и резултатот. Многу брзо беше и 10:3 со што најавија убедлив триумф.

Во продлжението Партизан заостануваше сè повеќе, а до крајот на првиот дел разликата достигна и двоцифрен број. После 30 минути игра КЛ7 водеше со 21:10 и тука веќе беше јасно кој оди во следната фаза. Партизан во второто полувреме немаше сили за поголем отпор против суперлигашот.

Доминацијата на КЛ7 продолжи и во вториот дел, предноста се зголемуваше од минута во минута. Партизан имаше многу кризен период на стартот на продолжението кога долго беше без гол, а тоа ракометарите на КЛ7 го искористија да стигнат до разлика и над 20 гола и убедливо да триумфираат.

Во победничкиот тим најефикасен поединец беше Глигор Гајиќ со осум погодоци, додека по седум постигнаа Александар Стојков и Евгениј Темелковски. Во составот на Партизан најмногу се истакна Тодор Узунчев кој постигна десет гола и беше прв стрелец на натпреварот.