Кил e нов бундес првак, Вецлар и следната сезона меѓу најдобрите!

По комплетирањето на последното коло во најквалитетата лига на светот, тимот на Кил ја врати титулата во своите витрини, откако го освои првото место, со само два бода повеќе од второпласираниот и минатогодишниот победник Магдебург.

Ракометарите на Филип Јиха во последниот дуел силите ги одмерија со Гепинген и забележаа убедлива победа од 34:27, со што го потврдија шампионското место во Бундес лигата. На втората позиција заврши ланскиот шампион Магдебург, кој и во следната сезона ќе има директно место во Лигата на шампионите.

Фуксе Берлин го освои третото место, Фленсбург заврши на 4. позиција, додека Рајн Некар одигра под сите очекувања и натпреварувачката сезона 2022/23 ја заврши на петто место. Хановер е екипата која заврши зад најдобрата петорка и со освоеното шесто место избори излез на европска сцена.

Тимот на Вецлар, кој е предводен од поранешиот македонски репрезентативец Филип Миркуловски, обезбеди опстанок во Бундес лигата. Дел од екипата на Вецлар е и актуелниот репрезентативец Филип Кузмановски, но битолчанецот поради повреда го пропушти финишот на сезоната.

Од Првата Бундес лига отпаднаа екипите на Минден и Вестфален, кои се селат во понизок ранг на натпреварување, додека Балинген и Есен се враќаат во најсилната лига.