Кизиќ: Во спортот се е можно, зошто да не се надеваме на пласман во Задар!

Кога ќе се спомене името на Марко Кизиќ, веднаш се поврзува со Вардар. Но претстојната сезона тој ќе го брани голот на големиот ривал Еурофарм Пелистер.

Тој лани ја освои двојната круна со Вардар, а со битолскиот тим веќе освои трофеј во Суперкупот. Со „црвено-црниот“ тим играше во ЛШ и во СЕХА, а со битолчани ќе игра во Лигата на Европа и во регионалното натпреварување.

„Кога менуваш средина, секогаш на стартот е малку чудно. Убеден сум дека го направив вистинскиот избор. Моите најблиски ја поддржаа мојата одлука, а од фановите имаше некои негативни коментари“, вели Кизиќ.

Битолчани веќе освоија една титула сезонава, во Суперкупот.

„Целта е да ја вратиме титулата во Битола. Ќе биде долга сезона, имаме да играме многу натпревари и тешко е да се прават предвидувања, но сакаме да постигнеме и добри резултати во Европа“, продолжува Кизиќ.

Конкуренти на Кизиќ на голманската линија се Филип Ивановски и Мартон Секељ.

„Мартон е одличен голман и можам да научам многу од него. Сакам да направам прогрес и да напредувам, да растам како голман“, вели Кизиќ.

Прв предизвик во СЕХА за Еурофарм Пелистер ќе биде дуелот со Мешков Брест.

„Мешков Брест е фаворит и тие заслужуваат респект. Но тоа не е тим што ние не можеме да го победиме во Битола. Можеме до Ф4, иако нема да биде воопшто лесно. Веспрем е најголем фаворит за титулата, но ние се надеваме дека можеме да донесеме нов трофеј во Битола. Во спортот се е можно“, заврши Кизиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ во 20:15 часот.