Келце во проблеми пред Ф4 во Келн – повредени се тројца клучни играчи!

Екипата на Келце која во четвртфиналето од Лигата на шампионите го елиминираше Веспрем и избори настап на Ф4 турнирот во Келн, се соочува со проблеми поради повреда на тројца важни играчи.

Полскиот шампион пред неколку дена играше финале во Купот на Полска и повторно не успеа да го освои Куп трофејот, откако загуби од најголемиот ривал Висла Плоцк со пет гола разлика, 30:25.

Од Келце излегоа со информација дека нивните три клучни играчи, средните бекови Игор Карачиќ и Михал Олејничак, како и кружниот напаѓач Артем Каралек мака мачат со повредите и се борат со времето за да се вратат на терените пред одржувањето на Ф4 турнирот во Келн.

Олејничак и Каралек не го одиграа во целост финалниот дуел против Висла Плоцк, а медицинските тестови покажаа дека двајцата ракометари се неизвесни за настап на Ф4 турнирот, бидејќи имаат повреда на зглобот на ногата.

Екс ракометарот на Вардар, Игор Карачиќ, има најголеми шанси за учество на завршницата од елитното натпреварување. Карачиќ, кој по натпреварот се пожалил на повреда на ногата, во следниот период ќе се обиде побрзо да закрепне, со цел да биде подготвен. за најголемиот предизвик за оваа сезона.