Кастратовиќ за 24 Ракомет: Турбуленциите се зад нас, подготвени сме за силен меч против Горење

Ракометарите на Металург денеска ќе го одиграат реваншот против Горење во Купот на ЕХФ, а после турбуленциите кои ги имаше во овој тим во минатите неколку дена се чини дека атмосферата е на потребното ниво и денеска од 18 часот ќе биде видена посакуаната форма.

Ситуацијата во тимот дојде во незгодна позиција откако после дуелот против Вардар јуниор тренерот Зоран Кастратовиќ поднесе оставка. Сепак, ден подоцна работите се средија, па ракометарите одработија сè според планот, а вчера пристигна и Иракли Кбилашвили така што освен Пецаковски сите се во комбинација за настап.

„Имаше турбуленции во минатите денови, но после состанокот во четвртокот работите се решени и одиме понатаму по планот. Имаше проблеми, но остануваат во клубот и на раководството е да одлучи како ќе реагира. Моја задача како тренер е да се грижам за играта и да го подготвувам тимот за она што ни претстои“, вели Кастратовиќ за 24 Ракомет.

До крајот на овој дел од сезоната има уште три средби. Прво ќе мора денеска да се одработи според планот против Горење, а потоа ќе следуваат средби од домашното првенство против тимовите на Пролет, Бутел Скопје и Работнички.

„Работевме во изминативе денови и го очекуваме овој дуел. Не можеме да бидеме комплетни и на овој натпревар. Ќе ни недостига Пецаковски особено во одбраната така што одново ќе мораме со исти сили. Нема да биде воопшто лесно, но ќе се обидеме на домашен терен да обезбедиме добар резултат. Сепак, одработивме на последниве тренинзи и подготвени го дочекуваме денешниот двобој“, коментираше Кастратовиќ.

Натпреварот почнува во 18 часот, а Металург го пречекува тимот од Словенија во СЦ „Јане Сандански“.