Карачиќ: Во Келн секогаш се можни изненадувања, така беше и со Вардар

Полскиот шампион Келце го очекува настапот на завршниот турнир во Лигата на шампионите и меч со францускиот ПСЖ.

Средниот бек Игор Карачиќ, кој со Вардар два пати се искачи на европскиот врв, вели дека на Ф4 секогаш се можни изненадувања.

„Никогаш не знаеш што може да се случи на Фајнал-фор турнирот. Секогаш постои таа магија во Келн, особено за аутсајдерите, секогаш може да има изненадувања. Како што беше случајот со Вардар. И покрај тоа што годинава нема аутсајдери, сите четири клуба се одлични тимови, еднакво силни. Сите четири натпревари ќе бидат возбудливи“, изјави Карачиќ.

Келце ќе игра со ПСЖ во првото полуфинале, додека во втората битка ќе се сретнат европскиот првак Барселона и бундеслигашот Магдебург, а Ф4 ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн на 17 и 18 јуни.