Каракоч: Подобри сме од Еурофарм Пелистер 2 и ќе го докажеме тоа

Осоколени и со висока самодоверба после убедливата победа над Бутел на домашен терен, ракометарите на Охрид пред својата публика го дочекуваат тимот на Еурофарм Пелистер 2, кој го совладаа на гостински терен во првото коло од разигрувањето за титулата.

Свесни за значењето на дуелот, охриѓани во мечот со директниот конкурент во борбата за местата кои водат во Европа влегуваат крајно мотивирано и најавуваат борба за бодовите.

Турскиот интернационалец, Ерај Каракоч, кој на последните два дуели беше еден од најдобрите во екипата и полека влегува во топ форма, вели дека овој дуел е еден од најважните во сезоната за нив и дека ќе дадат се од себе за да ги освојат трите бода.

„На првиот натпревар со Еурофарм Пелистер 2 одигравме многу добро, се надевам дека и овде во Охрид ќе ја повториме играта од Битола и ќе ги освоиме трите бода. Мислам дека имаме поквалитетен тим од противникот и дека тоа ќе го докажеме и на натпреварот во сабота. Потребна ни е оваа победа за да одиме што погоре на табелата и се надевам дека со поддршката на верните фанови тоа и ќе го оствариме. Самодовербата во екипата е висока после победата над Бутел и затоа треба во натпреварот да влеземе максимално мотивирано, да дадеме се од себе и да славиме повторно“, изјави Каракоч.

Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер 2 се игра во сабота, 8 април, со почеток од 19:00 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.