Капитенот ја продолжи верноста – Глигор Гајиќ во Голден Арт до 2024 година

Поранешниот младински репрезентативец и капитен на Голден Арт, Глигор Гајиќ го продолжи договорот со клубот за наредните две години.

Стружанецот пристигна во Голден Арт во јуни 2020 година и притоа се профилираше во еден од носителите на играта на тимот, а со својата посветеност, професионалност и верност, од стартот на последнава сезона го заслужи и статусот, капитен на клубот.

„Задоволен сум што ја остваривме целта и експресно се вративме во Суперлигата, чест ми е што ја продолжуваме соработката со клуб кој премногу вложува во македонските играчи и придонесува за развојот на ракометот во Македонија. Гледам само позитивно и оптимистички за иднината на клубот во супер лигата, ќе работиме напорно, професионално и заедно чекориме кон нови успеси во Суперлигата“, изјави Гајиќ.

Гајиќ својата ракометна кариера ја стартуваше во родната Струга, беше дел од Работнички, од каде премина во Металург, а последните две години настапуваше за Голден Арт. Договорот со тимот на Голден Арт е со важност до јуни 2024 година.