Капитенот на Динамо доби награда за работата како полицаец: Ова е како да играв финале на ЛШ!

Капитенот на романскиот Динамо Букурешт, Дан Савенко за време на пандемијата на коронавирусот работеше во полициска станица каде што помагаше во спроведување на полицискиот час во земјата.

Раководството на Министерството за внатрешни работи на Романија одлучи да го награди за неговиот придонес во полициската станица за време на вонредната состојба. Савенко доби посебна награда „Амблем на честа“, а после доделувањето имаше интересна изјава на романскиот prosport.ro.

„Ова е прва награда што ја добивам надвор од спортот. Морам да признам дека бев многу возбуден. Ако го споредам ова со ракометот и најважните моменти од спортот ова е како да играв во финале на Лигата на шампионите“, рече Савенко.

Екипата на Динамо Букурешт ги започна подготовките за наредната сезона, но со строго почитување на мерките и препораките од надлежните во земјата. За време на тренинзите е дозволено само додавање на топката без директен контакт помеѓу играчите.