КАКО ДО ШАМПИОН: Ако не се игра нека важат ланските резултати – Вардар првак, а Еурофарм, Металург и Бутел во Европа!

Тимот на Бутел Скопје го затекна прекинот на Суперлигата на четвртото место на табелата, со освоени 37 бодови.

Остана да се одигра уште едно коло од регуларниот дел, но тоа немаше да влијае на ефектот на екипата што втора сезона по ред ќе игра во плеј-офот.

Тренерот Кристијан Грчевски вели дека не е паметно да се доигрува првенството по толку голема пауза.

„Мислам дека не е паметно да се доигра Суперлигата после пауза поголема од два месеци. Летниот период имаме помала пауза, а ни требаат пет седмици за да се подготвиме физички. Ако може на почетокот на мај да почнеме со тренинзи, ќе ни треба цел месец за подготовки, па ќе дојдеме до момент да играме јуни и јули. Евентуално на крајот на јуни да се почне некаков турнирски систем каде ќе се играат натпреварите малтене ден за ден, но и тоа не е решение, бидејќи може да дојде до несакани повреди кај некои од играчите што може да бидат фатални, па да ја пропуштат наредната сезона. Друга работа е финансискиот дел што зависи од сопствениците на клубовите дали би ги исплатите договорите, иако нема да се игра или па ќе мора да играме за да се подмираат финансиските обврски. Трета работа е тоа што поголем дел од играчите имаат најдено нови клубови и нема да ризикуваат да настапат за сегашните клубови поради можноста да се повредат“, вели Грчевски за 24Ракомет.

Тренерот на Бутел Скопје вели дека доколку биде поништена сезона, треба да важат ланските резултати.

„Доколку не се игра првенството до самиот крај, мислам дека не треба да има испаѓање од лига, туку да се прошири лигата и да се вратат Вардар и Еурофарм Пелистер, кои треба да сфатат колку е важно да играат Суперлига, еве баш поради вакви причини. Ако се продолжи првенството верувам дека ние ќе може да го одиграме до крај без никаков проблем. Момците имаат програма за тренинг во домашни услови, но сепак тоа не е ни приближно слично како тренинг во сала, со контакт од друг, со топка. Регуларниот дел се играше колку да се одигра бидејќи уште пред крајот на есенскиот дел се знаеше кои екипи ќе играат плеј-оф, па сите погледи ни беа свртени кон разигрувањето за титулата. Нема место во европските купови за Металург, Охрид, Бутел Скопје или Пролет, ако тоа не се освои на теренот, значи не се согласувам да важи актуелната табела. Ако се поништи сезоната, тогаш нека важат ланските резултати – Вардар првак, Еурофарм Пелистер втор, додека ние и Металург да играме Европа“, заврши Грчевски.

Ракометната федерација на Македонија засега молчи во однос на прашањето како ќе се доигра Суперлигата, но како одминува времето, има се помали шанси да гледаме натпревари до крајот на оваа сезона.