Ем младинци, ем кадети: На Шпанците им нема рамни – го освоија и кадетското ЕП

Репрезентацијата на Шпанија го освои Европското првенство за кадети, на кое домаќин беше Црна Гора. Шпанија во финалето беше подобра од Шведска со 34:32 (15:16), а победникот веќе беше одлучен на десетина минути пред крајот кога Шпанија дојде до водство од 32:29.

Шпанија пред извесен период го освои и Европското младинско првенство во Португалија, па така го продолжи континуитетот на успешни настапи во помладите категории и уште еднаш потврди дека е ракометна нација, која има иднина за следните десет години.

Бронзениот медал на ЕП во Црна Гора го освои репрезентацијата на Германија, откако полесно од очекуваното ја совлада Унгарија со седум гола разлика, 29:22 (15:12). Хрватска во борба за петтото место ја совлада Данска со 28:26 (14:11) додека Норвешка со триумфот против Португалија од 35:30 (15:15) ја освои 7. позиција.

Репрезентациите на Франција, Полска и Италија, кои што завршија на 14,15 и 16 место, се селат во понизок ранг на натпреварување, односно во ЕХФ шампионатот. На нивно место на младинскиот континентален собир во 2024 година ќе играат победниците од ЕХФ шампионатот во Летонија, Романија и Израел, а тоа се репрезентациите на Македонија, Австрија и Чешка.