Кадетите и младинците не добија шанса да се борат за Светско првенство

Кадетската и младинската машка репрезентација на Македонија не добија шанса да се борат за Светските шампионати што ќе се одржат во 2021 година во Грција и Унгарија.

Европската ракометна федерација го смени квалификацискиот модел и реши да ги искористи пласманите од Европските првенства во 2018 година како ранкинг според кој ќе се одредат патниците на СП.

Македонија имаше голема шанса ако го освоеше првото место на ЕХФ шампионатот за кадети што требаше да се игра во Скопје во летото што измина, да игра квалификациски турнир со уште три селекции и во двете конкуренции – кадети и младинци.

Сепак ЕХФ го премести за следната година овој ЕХФ шампионат и шансата за СП отиде во неповрат. На турнирите во двете конкуренции, кадетска и младинска, ќе играат Австрија и Италија, кои беа први на ЕХФ шампионатите за кадети што се одиграа во 2018 година.

Светското кадетско првенство ќе се игра во Грција, од 16 до 29 август, а таму покрај домаќинот ќе играат уште 14 европски селекции од 32 учесници. 12 од нив (Шведска, Исланд, Данска, Хрватска, Шпанија, Германија, Франција, Србија, Словенија, Унгарија, Норвешка и Португалија) обезбедија место според пласманот на ЕП 2018 за кадети во Хрватска.

Оние што беа на 13 и 14 место, Русија и Израел, ќе играат на квалификациски турнир со освојувачите на ЕХФ шампионатите за кадети во 2018 година, Австрија и Италија. Турнирот ќе се игра од 30 април до 2 мај 2021 година, а прво и второпласираната репрезентација ќе одат на СП.

Светското младинско првенство ќе се игра во Унгарија, од 23 јуни до 4 јули, а таму покрај домаќинот ќе играат уште 13 европски селекции од 32 учесници. 11 од нив (Словенија, Франција, Германија, Португалија, Шпанија, Хрватска, Исланд, Србија, Норвешка, Шведска и Данска) обезбедија место според пласманот на ЕП 2018 за младинци во Словенија.

Домаќинот Унгарија беше во првите 12 на ЕП, па шанса за борба за СП добија 13 и 14 место, Израел и Романија. Овие две селекции ќе играат на квалификациски турнир со освојувачите на ЕХФ шампионатите за кадети во 2018 година, Австрија и Италија. Турнирот ќе се игра од 12 до 14 март 2021, а прво и второпласираната репрезентација ќе одат на СП.