Кадетите дознаа каде ќе се борат за место на ЕП, три земји во комбинација

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација одржа состанок на кој покрај разгледувањето на организацијата на шампионатите во 2026 и 2028 година, беше донесена одлука каде ќе се играат ЕХФ шампионатите за кадети следното лето.

Македонија ќе има нова шанса за да дојде до место на Европското првенство, но овој пат нема да има можност на домашен терен туку ќе мора да игра во Летонија, Украина или Израел. Европското првенство за кадети ќе се одржи во Црна Гора.

Тоа се трите земји кои ја добија организацијата на шампионите, а на секој од нив ќе има по осум екипи. Најдобрите од секој шампионат ќе обезбедат место на Европските првенства и во кадетска и во младинска конкуренција.

Следната година се менуваат и генерациите, а кадетите ќе бидат момците родени 2004 година и помали.

Младинската селекција засега нема информации каде ќе ги игра своите натпревари од ЕХФ шампионатот бидејќи уште се чека на објавување на земјите организатори. Во соопштението од Европската ракометна федерација стои дека се разговара со потенцијалните организатори, но уште нема договори со нив.