Кадетите без Петковски во Германија, отпадна и Ристевски

Десното крило Александар Петковски, најдобриот стрелец во кадетската репрезентација на Македонија, нема да биде дел од експедицијата што ќе патува на силниот турнир во Германија.

Тој доби повик за сениорите, ќе ги мине подготовките за Светското првенство со нив и отпаѓа од комбинација за настап во Германија.

Покрај Петковски, уште ден играч кој што беше дополнително повикан од селекторот Раде Стојановиќ нема да патува. Тоа е пикерот Самоил Ристевски, кој пријави повреда и отпадна од комбинација.

На тренинзите во Скопје до 26 декември кога се заминува за Германија, ќе бидат активни 21 ракометар, од кои најголем дел се оние што го освоија златниот медал на ЕХФ шампионатот во Рига.

Maкедонија ќе игра против Австрија на 27 декември, додека на 28 декември на програмата се два меча против Германија и Холандија. Во зависност од пласманот, на 29 декември ќе бидат одиграни уште два меча.