Кадетен ќе се надева и во реваншот – во финишот се избори за тесен пораз против Висла

Во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на Европа Висла Полоцк славеше победа против Кадетен со 31:33, но во самиот финишт гостите од Полска пропуштија прилика да слават и со поголема разлика, па Кадетен затоа ќе има на што да се надева и во реваншот.

Гостите заслужено стигнаа до триумфот, подобар противник беа во најголем дел од натпреварот. Кадетен добро се држеше само во првата половина од првото полувреме кога ги имаше и единствените три водства на натпреварот (1:0, 9:8 и 10:9). Некаде на десетина минути пред крајот на првите 30 минути Висла започна да го трасира патот кон победата.

Првата поголема разлика ја направија со серија од 4:0 (12:16). Висла до крајот на првиот дел успеа да се врати и на пауза да замине со „минус 1“ (18:19). Веднаш на стартот на вториот дел гостите ја вратија предноста од четири гола разлика (19:23).

Предноста Висла во продолжение одеше и до највисоките во натпревар „плус 6“ до кои првпат дојдоа со водството од 21:27. На само две минути до крајот Висла водеше со пет гола 28:33, тогаш стратегот на Кадетен го искористи последниот тајм-аут кој и тоа како се исплатеше. Домаќинот успеа да се врати на „минус 2“ со кој и беше завршена средбата.

Најефикасен во редовите на Висла беше Ловро Михиц со шест гола од седум обиди додека во редовите на Кадетен Самуел Зехндер постигна седум гола од осум обиди. Адам Моравски на голот на Висла запиша седум одбрани, а Хрватот Пилиповиќ кај Кадетен собра шест интервенции.

Вечерва во терминот од 20:45 часот се играат преостанатите три натпревари во кои ќе се сретнат Бенфика – Горење, Нант – Магдебург и Нексе – ГОГ Гудме.