Кадетен и Цирих ќе го „глумат“ Еурофарм Пелистер 2

Противникот на Еурофарм Пелистер 2 во првото квалификациско коло од Лига на Европа, австрискиот вицепрвак Алпла Хард, пред дуелот со младите „фармацевти“ ќе одигра неколку пријателски натпревари со екипи од Швајцарија.

Незгодниот тим од Австрија на 6 август ќе одигра контролен натпревар против Кадетен Шафхаузен, потоа на 10 август силите ќе ги одмери против Фортитудо Арау, а седум дена подоцна, односно на 17 август ќе се сретне со Цирих.

Ракометарите на Алпла Хард последниот контролен натпревар пред првиот дуел со Еурофарм Пелистер 2 ќе го одиграат на 19 август. Последен спаринг партнер на Алпла Хард ќе биде тимот на Криенс Луцерн.

Избраниците на Александар Јовиќ првиот дуел со Алпла Хард ќе го одиграат на гостински терен на 27 август во „Шпортхале Ам Зи“ или во „Салата покрај езерото“, со почеток од 19:00 часот.

Реванш натпреварот ќе се одигра во Битола во спортската сала „Боро Чурлевски“ на 4 септември. Терминот за овој натпревар е 19:00 часот, а победникот од овој дуел ќе продолжи во второто квалификациско коло.