И со 48 години не планира да заврши, ќе ја игра 28. сезона

Еден од највозрасните активни ракометари во светот во моментов настапува во Асобал лигата, а се работи за поранешниот репрезентативец на Шпанија, кој долго го бранеше голот на „фуријата“, Хозе Хомбрадос.

Ветеранот го обнови договорот со тимот на Гвадалахара за уште една година и нема да ја менува средината. Тој има веќе 48 години, но тоа не му е никаква пречка за да настапува и понатаму на високо ниво.

Хомбрадос е еден од ретките голмани кои бранеле за Шпанија, а не стоеле на голот на Барселона. Тој смени неколку клубови, а во Гвадалараха е од 2015 година.

Кариерата ја почна во Атлетико Мадрид, а бранеше и за Тека, Теукро, Адемар Леон, Портланд Сан Антонио, Сиудад Реал и Вецлар.