Исланд одбра домашен селектор

Ракометната федерација на Исланд во минатиот период беше во потрага по нов селектор за машката сениорска репрезентација, откако кон крајот на месец февруати оваа година беше прекината соработката со легендарниот Гудмундур Гудмундсон.

Челниците на ракометната куќа од островската земја донесоа одлука наследникот на Гудмундсон да биде актуелниот тренер на Валур, Снори Гудјонсон. Исландската федерација и Гудјонсон се договорија на соработка, која ќе биде со важност од три години.

Гудјонсон во својата клупска кариера играше во Бундес лигата, Франција, Данска, како и во својата татковина. Го носеше дресот на екипи како Ница, Селест, Рајн Некар, Копенхаген, Минден, ГОГ…

На репрезентативно ниво одигра 257 натпревари и постигна 846 голови. Во 2008 година, некогашниот среден бек на Исланд го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Пекинг. Две години подоцна, на континенталниот собир во Австрија, со своите репрезентативни колеги се радуваше на бронзениот медал.

Првиот голем предизвик за новиот селектор на Исланд ќе биде настапот на Европското првенство во Германија. Исланд за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Унгарија, Србија и Црна Гора.