Исланд веќе е во втора фаза, вардарците од Русија си одат дома

Репрезентацијата на Русија загуби по втор пат на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Поуспешни од избраниците на Едуард Кокшаров беа Исланѓаните, кои славеа со убедливи 34-23.

Победникот беше решен уште по првиот дел кога островската репрезентација направи висока разлика од седум голови, 18-11. Кокшаров пробуваше различни варијанти во одбраната против разиграните Исланѓани, но не му успеваше.

Во вториот дел Русија намали на пет погодоци, но немаше сили за комплетен камбек во наптреварот. Единствен расположен во „зборнаја“ беше Данил Шишкарев, но не можеше сам против сите.

Русија по дуелот со Данска може да мисли за дома, додека Исланд ќе остане во Малме за да ги продолжи натпреварите од втората фаза.