ИНТЕРВЈУ ЈУЛИЈАНА ЦРВЕНКОСКА: Импулсот за промена во женскиот ракомет е во овие генерации!

Една од најконстантните дами на македонската ракометна сцена е Јулијана Црвенкоска. Актуелниот предводник на ЖРК Металург, поранешна ракометарка и македонска репрезентативка која во изминатава деценија комплетно е посветена на работа со младите категории. Четири години беше селектор на генерациите У17 и У19, а нејзината досегашна работа, како и довербата која ја има од РФМ беше доволна препорака за координаторот на женските ракометни селекции, Љубомир Савевски да ја задржи во својот стручен штаб, во летото полно со активности за нашите млади ракометарки.

За Јулијана Црвенкоска информациите на интернет и по пребарувачите се многу скромни, а и таа на прва делува како (по)затворена и недостапна, но напротив ова интервју открива дека е пријатна и комуникативна, а и нејзината цел е делата да го кажат своето. Неизбежно е да се спомене дека е повозрасна сестра на Билјана Црвенкоска и иницијаторот за тие две да влезат во ракометните води.

Секако, секоја од нив кариерата си ја гради на свој начин, а Јуле не крие дека нејзината играчка кариера (настапува како лево крило) никогаш не го достигнала зенитот. Од училишната селекција преводена од едно од репрезентативните крила на поранешна Југославија, Душко Ивановски, нејзината комплетна генерација (Андрејева, Боева, Грчевска, Златановска, Бошковска) ја превзема Кометал Ѓорче Петров и Лефтер Бошковски, а подоцна ќе биде дел и од првиот тим на Кометал. Паралелно добива и статус на репрезентативка која ќе настапува на големи натпреварувања, СП за младински, ЕП во сениорската конкуренција, каде ќе ја дели минутажата со Лариса Кисељева. Година дена подоцна со семејството се селат во Нов Зеланд, каде се вклучува во работата на тамошната Ракометна федерација и работа со млади. Кога одново се враќа во Македонија преговара за враќање во Кометал, но не наоѓа заеднички јазик со клубот.„Тука завршува професионалниот дел од ракометот за мене“ – искоментира Црвенкоска.

Потоа ќе настапува за Олимпик, ЖРК Скопје и ЖРК Вардар, со кои ќе има настапи и во ЕХФ купот, а во “црвено-црниот” дрес во 2004 година ќе стави крај на кариерата. Истата година ја започнува тренерската кариера во школата на Индира и Зоран Кастратовиќ, во која основите ги учи од Зоран, кој го посочува и како главен „виновник“ што и денеска го работи тоа. Комплетно се „кали“ преку Академијата на ЖРК Металург, која ќе и ја донесе позицијата и на главен стратег во првата екипа, а квалитетната работа ќе ја однесе и во националните селекции. Таа, заедно со Индира Кастратовиќ се единствените две дами во мак-ракометот (засега) кои можат да се пофалат со Мастер коуч лиценца.

Почнувајќи од денеска, Црвенкоска ќе биде на клупата на една младинска селекција по петти пат и колку и да се трудеше да биде скромна и умерена во очекувањата, се чувствува дека во овие генерации го гледа импулсот, кој е потребен за вниманието да се сврти кон женскиот ракомет.

„Со овие генерации У19 и У17 мислам дека сериозно се работеше во клубовите и дека тие се тие од кои треба промената да почне. Пред време не можам да кажам ништо и да давам амбициони прогнози, но верувам дека имаме квалитет и дека доколку добро ги подготвиме, и психички за предизвикот, и доколку играме како што тренираме и го спроведат она што ќе им биде поставено како задача, имаме шанси и може да се гледаме на тие први две места, кои водат или ни даваат шанса да играме на ЕП. Мислам дека потајно сите чекаат некаков импулс, некаков успех за вниманието да се сврти кон женскиот ракомет и овие два ЕХФ Шампионати треба да покажат дека овие генерации се зрели и дека можат да бидат таа промена за работите и кај дамите да тргнат напред. Мислам дека од двете репрезентации ќе ја добиеме иднината во македонскиот национален тим, а дел од нив веќе се и на поширок список на А селекцијата.“

ДОПРВА ЌЕ СЕ ПОЧУВСТВУВААТ ПРОМЕНИТЕ КОИ ГИ НОСИ САВЕВСКИ

Факт е дека Македонија нема успех во ЕХФ Шампионатите, додека во сениорскиот тим веќе подолг период бараж за едно големо натпреварување е лимитот. Со именувањето на Љубомир Савески, РФМ се надева дека ќе се направи чекор напред, а и Јуле има исто мислење.

„Вистина е дека немаме успех на ЕХФ Шампионатите, за кои некои велат и дека се Б првенства, но се чувствува дека постои желба и глад за успех кај девојчињата. Се трудат, работат, даваат 200 посто, има атмосфера, систем на работа и на спроведување на задачи. РФМ ни дава безрезервна поддршка, одлични услови и нормално е дека тоа ти носи и поголем мотив за да ја оправдаш довербата. Што се однесува до Савески – неговото минато реноме, успесите и се што има постигнато во кариерата според мене мислам дека даваат огромна доверба во раководството на РФМ за тој да добие таква одговорна задача. Мислам дека сме на добар пат со него, да се направи нешто. Промените се чувствуваат и допрва ќе се чувствуваат и во системот на игра и во системот на поставеност на работата, особено во младите категории и како тие правилно да се насочат за да добиеме иднина во А тимот. Има позитивна промена и енергија кај младите, а верувам дека така ќе биде и кај сениорките.“

ФИТ-БЕКОТ ОД ДЕЦАТА Е ГЛАВНИОТ МОТИВ ЗА РАБОТА

На репрезентативен план Црвенкоска не може да е пофали со успех (засега), но затоа нејзиното клупско реноме е и тоа како богато во работата со младите генерации. Од работата во школата на Кастратовиќ (2004-2008) па потоа во Академијата на ЖРК Металург (таму е од 2011) има бројни шампионски титули во младинска и кадетска конкуренција, а константно е меѓу првите три екипи во Суперлигата и со првиот тим.

„Од Зоки (Кастратовиќ) ја научив основата, почнавме од ’мини ракомет’ и работевме етапно и се функционираше добро и тој е ’виновник’ што започнав тренерска кариера. Добив база во тренерските води, како треба, пред се и педагошкиот дел, иако имам завршено и средно Фискултурно и Факултет за физичка култура, но сосем е поинаку кога ќе почнеш да работиш, особено со најмалите. Според мене тоа не може секој да го работи, затоа што бара многу и колку и да си добар во практичниот дел, треба да бидеш и како психолог за правилно педагошки да ги насочиш децата во спортските води. Затоа што ’мини ракомет’ тоа не е буквално ракомет, туку повеќе анимација и игра и мислам дека во сите клубови недостасува тој дел, каде што се создава основата за ракометот, за да се привлечат децата, да се анимираат и да се учат на основните елементи од ракометот. До 2008 сум таму, потоа станувам мајка и направив пауза до 2011, секако од приватни причини (се смее), но никогаш не престанав да следам што се случува во ракометот. Во 2011 година добив повик од Филип Христов од Металург да ги превземам ракометните школи од женскиот дел кои функционираа во Академијата, за да се создаде основа и правилно да се селектираат. Прифатив, ги превземав и ги одвоив генерациите, работев паралелно и со нив и со ’мини-ракомет’ школата. Идејата беше да се направи базата на клубот од која ќе се црпат играчи за во првиот тим, првата сезона не се натпреварувавме, втората се вклучивме во систем на натпреварување во РФМ, немавме никаков успех, а веќе во третата почна да се чувствуваат резултатите од работата. Тоа се покажа како правилен начин на работа. Неколку сезони во низа доминиравме во младинските категории, а потоа како созреваа девојките, така и јас растев како тренер. Во Металург беше поставен таков систем, кој тренер како ја води генерацијата, така потоа ја превзема првата екипа. Јас го наследив Александар Петровски во сезоната 2016/2017. Таа генерација се приклучи на првиот тим, во кои беа Величковска, Николиќ, Серафимова, Стојковска, Дабевска, Илјаз, Тасевска, Калајџиевска, Стефановска, Гајиќ… Тоа е периодот кога ЖРК Вардар беше најсилен, ние бевме втори и финалисти во Куп и имавме настапи во ЕХФ и Челинџ купот.“

„Мотивот во мојата работа доаѓа само од љубовта кон спортот, и тоа дека има фит-бек од децата. Тие сакаат да работат, имаат цел и сакаат да излезат надвор, затоа што, за жал, тука не гледаат некоја ракометна иднина. Како спортист од секогаш сум сакала кога некој заедно со мене се вложува, работи и со тоа ми дава и мене мотив, како ‘ветер во грб’. Среќна сум што во ЖРК Металург имам поддршка и слобода да работам, ми веруваат, а таа доверба трае веќе со години и во младите категории, а и во Суперлига. Посветена сум на правилна обука на ракометарките, техничкиот дел, затоа што техниката и правилниот тренажен процес е она што е неопходно за да имаме квалитет, додека тактичкиот дел може да се подготви.“

ПОДГОТВЕНА ЗА ПОГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК

Јулијана Црвенкоска изминатава деценија беше посветена на работата со млади категории, но го водеше и ЖРК Металург во европските клупски купови. Со оглед на тоа дека девојките пораснаа, а со нив и Јуле како тренер, амбициите стануваат поголеми, но и ова е момент на пресврт кај генерацијата, кој бара посериозен ангажман.

„Генерацијата и екипата се созреани, а чувствувам дека и јас и играчите сме подготвени за поголем предизвик, оваа година е пресвртница за нив. Десет години растевме заедно и сега тие имаат по 21 година и се подготвени да одат напред, да се пробаат во нешто посериозно. Знаете, не само во Металург, туку во сите клубови доаѓаме до овој момент, каде многу често ни се случува да ги губиме децата. Од 19 до 23 година кај нас постои некој вакум, бидејќи лигата ни е релативно младинска, а нема настапи на квалитетно европско ниво, клубовите не може да вложат, и остануваме без играчи, или се откажуваат или заминуваат.“

ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ Е СВЕДЕН НА ПОЛУ-АМАТЕРИЗАМ

„Навистина се надевам дека конечно ќе се случи некој импулс кој ќе го сврти вниманието кон женскиот ракомет. Кај нас, за жал, сведен е на полу-аматеризам, не се вложуваат доволно финансии кај жените како кај мажите, и убедена сум дека 80 посто од женските екипи не може да обезбедат финансии за правилен подготвителен период. Зборувам за комплетен процес од месец дена со базични подготовки, со играње на пријателски натпревари, се што може еден тренер да испланира. Некои од екипите кои се натпреваруваат во Суперлигата тренираат по три пати во неделата! Најголемите центри ни згаснуваат… Но, и покрај тоа има ентузијасти, кои упорно работат, вложуваат и се трудат да го мрднат ракометот од ‘мртва точка’. Простор за напредок секогаш има, но отсуството на финансии во сите клубови во женски ракомет е она што прави да се чувствуваме како да тапкаме во место.“

КОГА ЌЕ СЕ РАБОТИ ПО ИСТА ФОРМУЛА ЌЕ МОЖЕМЕ ДА ФАТИМЕ РИТАМ

Црвенкоска смета дека единствениот начин за македонскиот женски ракомет да се врати на стариот сјај е унифициран систем на работа и дефинирање на обврските кои ќе ги имаат ракометните школи, а кои клубовите.

„Не сакам погрешно да бидам разбрана затоа што и јас почнав од нула во мојата тренерска кариера и го почитувам секој кој работи и се обидува да му помогне на ракометот, но сметам дека особено во Скопје има премногу ракометни школи. Нормално секој гледа да привлече повеќе деца и да работи, но факт е дека по одредена возрасна категорија не можат да им го понудат и овозможат на децата она што им е потребно за да се развиваат понатаму како што треба. Едно е ракометна школа, друго е клуб. Можеби е најдобро тие школи да работат мини ракомет, може и помлади пионери, но од оној момент кога ќе дојдат на возраст за да влезат во национална селекција (пионери, кадети, младинци) тие мора да бидат вклучени во правилен систем на натпреварување и квалитетен тренажен процес, за кој се потребни и квалитетни, талентирани деца. Во ракометна школа не може да имаме 16 талентирани деца, може едно, две, па и три и затоа школите треба да бидат како филтер за таленти кои ќе излезат, а потоа клубовите ќе ги превземат со работа. Барем јас така гледам на работите. Ако се вратиме години наназад знаеме дека расадници биле Струга, Пелистер, Прилеп – и тоа биле клубови од кои излегувале таленти! Сега со школите работите се многу разводенети – има квантитет, но до квалитетот е многу тешко да стигнеш. Можеби според мене секоја ракометна школа треба да има склучен договор со некој клуб и на таа излезна генерација кога ќе биде потребно да се направи и национална селекција, да дојде клубот да ги земе талентите и потоа правилно да ги насочи. Прво тоа треба да се стави во ред и од најмлади категории децата да се ставени во систем на натпреварување. Не може девојчињата кои уште во домашно првенство не се во систем на натпреварување да ги пуштиме да играат ЕХФ Шампионат во нивната возрасна категорија. Важно е и како се работи во клубовите! Потребен е унифициран систем на работа кој треба да се примени, обуката треба да биде еднаква во сите. Тоа би требало РФМ да го наложи, како секој клуб треба да работи и да биде исто за сите. Кога ќе се работи по иста формула ќе можеме да фатиме ритам. Да не биде приоритет на секој клуб дека мора да се освои бил што, особено во младите категории, туку како правилно да ги изградиме децата за да можеме потоа од нив да бараме успех во сениорска конкуренција. Факт е дека квантитет има, но колку квалитет излегува од тоа!? Во моментов се покажува дека нема многу. Поентата е – ракометните школи да се база на клубовите, клубовите да се сервис на репрезентацијата, и на тој начин истрајно ќе се создаваат играчи.”

Уште еден момент кој го потенцираше е дека немаме трпение да ги почекаме децата да созреат.

„Клубовите сакаат да имаат успех преку ноќ, а не сакаат да ги исчекаат играчите да се создадат! Тоа носи само купување на странци и автоматски се истиснуваат нашите, не добиваат ист третман, не добиваат исти услови за работа, за да се развиваат, а странецот е професионалец, заработува, игра, одработува и си оди и остануваат нашите кои биле запоставени. Ние кога бевме имаше некој баланс. Јас кога играв бев зад Кисељева, немаше двајца-тројца странци на една позиција. Добивав шанса со неа паралелно, и простор за докажување и собирав искуство, иако не направив некоја врвна кариера како неа. Но така е кај нас! Колку за пример Ѓер има силна женска екипа со странци, но има и одлична младинска екипа со нивни играчи кои добиваат шанса. Таму и лигата е друга и се е друго. Кај нас во толку мала држава во сите клубови по еден – двајца таленти расплинети, иако доколку во еден клуб се соберат сите најдобри не значи дека ќе направат успех. И да се направи тоа треба некој да го финансира.“

ИМАВМЕ КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, А ПО НЕА НЕМАВМЕ НИШТО

Кога веќе Јуле сама спомена дека може и да се соберат сите играчи во еден клуб ја прашав какво е нејзиното размислување за клуб-репрезентација? (со оглед на тоа дека и настапувала во еден таков)

„Ако се вратиме наназад и анализираме, пет-шест години по таа клуб-репрезентација немавме ништо во женскиот ракомет. Сега за да се направи такво нешто потребен е добар финансиер, но и во таков случај ќе треба да се игра на силни турнири или во Европа, но на крајот на денот одново ќе треба да се игра и домашната лига. Не знам и тоа колку би било решение, се е дискутабилно. Можеби ќе биде краткотрајно успешно, па потоа би немале ништо.“

УСПЕХОТ И ПОЧИТТА ОД МОИТЕ ИГРАЧИ МИ СЕ ДОВОЛНИ

Кога станува збор за амбиција, цел или тренерска визија по која се води Јулијана Црвенкоска, таа е многу скромна во очекувањата. Можеби фактот дека е мајка на тинејџер, кој се обидува да го изведе на вистинскиот пат во животот ја прави резервирана во тој поглед, или, пак, можеби само мудро ја чека вистинската шанса.

„Не патам за титули! Не патам ниту од комплекс дека мора да бидам селектор, иако сум имала таква улога и тоа е огромна одговорност. Поважно ми е дека знам дека работам квалитетно и дека резултатите се најдобар показател на мојата работа. Затоа можеби и амбиција ми е да имам стабилна работа во клуб, тоа ме врзува, и клубот каде што ќе работам да биде како фамилија, да има доверба, почитување, лојалност! Го имам сето тоа во Металург, го почувствував уште на почетокот кога дојдов, а најмногу кога ми ја дадоа првата екипа. Притисок и очекувања нема, затоа што клубот е реален во погледите и не бара ништо повеќе од она што го нуди и што вложува. Ние не одиме на варијанта по најлесниот пат да се стигне до шампионската титула, туку од тоа генерациите кои сами ги градиме низ клупската школа да им се овозможи да се развиваат и да растат како играчи. Со нив јас растев како тренер и мислам дека задоволството е взаемно затоа што во спротивно немаше соработката да трае толку долго. Среќна сум кога ќе видам дека моите играчи успеале, а уште посреќна што кога ќе ги сретнам сите се однесуваат со почит кон мене. Тоа е показател дека односот во процесот кога сме соработувале бил коректен од двете страни и уште повеќе ме радува што успеале во она што им било цел, а во кое и јас сум имала улога. Можеби тоа е единственото нешто што ме држи да работам, особено со помлади категории и покрај сите тешкотии и услови на работа и функционирање во нашиот женски ракомет.“