ИНТЕРВЈУ ФИЛИП ХРИСТОВ: Секој натпревар меѓу Вардар и Металург имал и трето полувреме

Од вљубеник во спортот и туристички работник, името Филип Христов станува синоним за Металург, кој три децении наназад е дел од раководството на машкиот и женскиот тим во „Автокоманда“. Сосем спонтано „влетува“ во ракометот, за потоа тоа да прерасне во негова најголема љубов.

На три месеци пред неговото формално пензионирање, намерно или случајно, 24ракомет е првиот медиум со кој некогаш во својата кариера направил интервју, а во неговата приказна сублимирани се првите шампионски титули на РК и ЖРК Металург, подемот и падот на тимот од Автокоманда, вечното ривалство со Вардар и тоа како „сино-белите“ успеваат да оддолеат на секој пад и да опстанат на македонската и европската ракометна сцена.

„Постои една убава македонска поговорка – Жив човек, жив ѓавол! Или подобро би ги опишал работите со латинската поговорка која е мое мото – Додека дишам, се надевам. Голема среќа на Металург во крахот беше силната младинска база на клубот. Таа нè спаси и поради неа клубот опстана и не остана некаде во историјата. Не благодарно е да кажам дека во секое лошо, има и добро, но дефинитивно така се случи“, вели Христов.

ВАРДАР ПОРАСНА НА ПЕПЕЛТА НА МЕТАЛУРГ

Металург можеше и требаше да остане подолго време на европскиот врв. Имаше и тим кој според многумина заслужуваше да се најде и на Ф4. Но, стигнаа проблемите, финансиите, инаетот на некои играчи, конкуренцијата… А многупати клубот успеваше и да преживее и да функционира со блокирана сметка…

„Металург е жртва на политички превирања во државата. Жртва на една ситуација и за многу мала сума на пари, во однос на тоа колку се даваа и се трошеа за клубот во тоа време. Доколку било кој ги обезбедеше тие сретствата ние ќе отидевме далеку таа година. Не сакам да ги оспорувам резултатите на Вардар, но Вардар порасна на пепелта на Металург… Што ни се случуваше во последните денови на таа голгота… Требаше да патуваме во Загреб, на меч од СЕХА лига. Превирањата во клубот веќе беа почнати, но на последниот, вечерен тренинг се договораме управа-клуб-играчи дека утре патуваме за Загреб да одиграме меч, а кога ќе се вратиме ќе се потрудиме да ги амортизираме работите. Имаме лет утрината во 5:30 часот, во четири часот треба да не земе автобус од пред сала. Пред сала доаѓаат само управа и тренер и ниту еден играч. Тогаш плачев како мало дете и затоа што знаев дека е крај. Знаев дека ќе опстанеме како клуб, но не со таков лик. И никој не може да ме убеди дека во сето тоа, во целиот тој процес некоја трета страна која влијаела на нив, не си одигра улога, некои менаџери…“

ОД МААЛСКИ, ПА ВО ГРАДСКИ, ДО ЕВРОПСКИ КЛУБ

Влегувањето на Минчо Јорданов во РК Металург ја носи трансформацијата, која со доаѓањето на Лино Червар на местото на главен стратег го издигнува клубот во европски бренд.

„Трансформацијата во Металург се случува со преземањето на Јорданов на клубот. Тоа во првите години беше срамежливо, со поскромен буџет, за да може да види и тој со кого има работа (претпоставувам), а потоа кога виде дека има сериозна почва за работа ни направи стрес (се смее). Продефилираа пред тоа плејада солидни и сериозни тренери низ Металург, но далеку од рејтингот на Лино Червар во тоа време. За нас тој беше мислена именка, нешто недостижно. Еден ден ни вели Червар ќе биде тренер на Металург, ние фрапирани, а кога навистина дојде ни приреди комплетен шок. Доаѓањето на Лино се совпаѓа и со формирањето на Академијата на Металург. За таа идеја имавме и иста визија, која заедно ја дооформивме и надоградивме и од која и до денеска имаме играчи. Дека ќе има движење во нагорна линија се почувствува со доаѓањето на Лино, но до каде ќе оди кривата нагоре, не можевме ни да претпоставиме во тој момент…“

Од Огномак М, клуб што влегува и испаѓа од Прва лига, до Металург кој од просечен клуб станува македонски шампион и стигнува на чекор до Ф4 во Лигата на шампионите. Сите овие моменти се испреплетени со Христов во клубот.

„Металург има едно испаѓање од лига не поради резултатски неуспех, туку поради инцидент, кој се случи во време на мое претседателствување на клубот. Металург и Вардар колку и да се разликувале во квалитет низ времето, до пред некое време, Вардар беше оној кој беше доминантен во Скопје, но сите дуели биле посебни за нас. На еден таков меч во Расадник, на кој и претходеше употреба на сите дозволени и недозволени сретства, ’валкани’ игри, купување на тренери, на судии – од двете страни и во целата таа приказна Вардар беше поуспешен. Јас не можејќи спортски да го поднесам тоа, од клупа направив инцидент, кој прерасна во масовна тепачка, терен, трибини, не се знаеше ’кој јаде, кој пие’… и потоа правилно бевме санкционирани сите.. Тоа е најлош период за мене, тоа ми е најголемата дамка како спортски работник. Во време за мое претседателствување клубот испадна од лигата, имаше многу санкции по сите нас, а потоа од следната сезона следува подемот на Металург. Почнавме од маалски, па во градски, за на крајот да се кренеме во европски клуб. Најсладок и најсреќен момент ми е освојувањето на двојната круна во 2006 година, во времето на Јовица Цветковиќ. Тогаш пред почетокот на првенството ветив дека ако се случи такво нешто ќе ги избричам мустаќите и на крајот на сезоната го сторив тоа. Првата двојна круна, е најсладок момент и по цена на моите мустаќи, иако се радувам на секоја победа и секој успех многу емотивно го доживувам.“

Тој во Металург беше на повеќе раководни функции и е еден од вистинските сведоци на формирањето на македонската лига, на почетоците на спортот што сега е најпопуларен во Македонија.

„Тоа е едно друго време, не може да се споредат ни времето, ни условите. Тогаш беше се на аматерска база, но тогаш имаше и повеќе ракометни центри. Секое патување во Богданци не беше пријатно, Велес, Прилеп, Ресен, во Гостивар имаше една солидна Јахона и имаше една лига со многу поизедначен квалитет. Далеку бевме од европскиот ракомет и европските успеси, немаше странци, тоа можеа да си го дозволат само Пелистер или Вардар и ние нешто скромно… Имавме среќа што имаше убава група на ракометни ентузијасти кои многу придонесоа за формирање на лигата. Грев е да не се споменат браќата Начевски како едни од основоположниците на македонскиот ракомет и многу повозрасни, кои не би сакал да ги набројувам за да не заборавам некого ненамерно. Денеска сме во ситуација кога на екс-југословенските простори имаме Федерација и лига, кои се едни од поквалитетните.“

ВЕЧНО РИВАЛСТВО

Ривалството помеѓу Металург и Вардар трае многу оддамна. Од Огномак М… Расадник – Автокоманда, Кале – Автокоманда, Јане Сандански – Автокоманда, се чини како отсекогаш…

„Самата близина го прави ривалството – она локалното. За наша среќа и несреќа, првиот човек на Вардар и денеска спасителот на Вардар, Михајло Михајловски пред да оди во Вардар беше претседател на Металург, тој е излезен од овде. Многу играчи одеа во двата правци и тоа само го подгрева ривалството. Ривалството меѓу Лино и Вујо исто така беше големо. Апетитите на двајцата беа големи, двајцата важат како име и презиме во европскиот ракомет со она што го имаат сторено и тоа дополнително го подгрева ривалството меѓу Вардар и Металург. Но, морам да признаам дека не секогаш чесно се играло на дуелите меѓу Вардар и Металург. Секој натпревар имал и трето полувреме или она што е зад завесата, секогаш се играло или се пробувало да се игра и на таков начин. Имало многу задкулисни игри, иако морам да признаам дека ние бевме многу послаби во тие ситуации, затоа што бевме и финансиски и авторитативно понемоќни. Михајловски е име и презиме и особено го почитувам како еден од луѓето најзаслужни за македонскиот ракомет, тој е човек што многу направил за нашиот ракомет и без разлика што ми е ривал. Има премногу случки и премногу работи ’валкани’ кои ќе ги оставам во минатото… Правевме се за да го дефокусираме противникот. Една од тие е и трансферот на Додер пред финалето на Купот на Македонија. Додер е играч на Вардар, кој треба да го продолжи договорот, а Лино го вика на разговор и му нудиме безобразна сума на пари, која тој ја прифаќа. Целиот трансфер се чува во тајност, но по црногорска линија Вујо дознава и тоа резултира со караница во Вардар, но и дополнителни искри меѓу двата клуба и тренерите. Бев сведок на случката во еден од ходниците во ‘Борис Трајковски’ меѓу тренинзите, кога малку недостасуваше ситуацијата да ескалира во тепачка меѓу тренерите, но за среќа остана на вербална пресметка и размена на пцовки“ – се потсети Христов и продолжи: Оној период кога двата тима беа рамноправни во квалитет, беше едно здраво ривалство, со навивачки групи и сето тоа придонесуваше за ривалството и непријателстввото на теренот. Но надвор од него во принцип бевме добри пријатели. Морам да го споменам Бранче од Вардар, со кој приватно бевме многу блиски другари, а на терен најголеми ривали и ако можеше да се истепаме, ќе се истепавме… Сè до доаѓањето на Самсоненко имаше простор за ривалство. Јас не велам дека и Металург не потроши многу на играчки кадар во еден период, но она што го направи Самсоненко беше ненормално за наши услови. Не го велам ова во негативна смисла, туку во смисла на ривалство, немаше повеќе кој да му се спротивстави на Вардар. Донесе се што е крем во европскиот ракомет и секоја чест за она што го направи и од кое уште ги чувствуваме бенефитите во европскиот ранкинг.“

ПРВАТА ЉУБОВ – ТУРИЗМОТ Е „ЖРТВА“ НА РАКОМЕТОТ

Повеќе од три декади Христов е дел од Металург, а во клубот влегува сосем случајно.

„Во ракометот влегувам сосем случајно! Јас сум човек кој никогаш не бил директно инволвиран во ракомет, но бев голем фан на ракометната игра. Во периодот на 70-тите години имав многу пријатели ракометари и следев се што се случуваше и бев многу често на трибините. Скопје тогаш имаше 12-13 екипи и секогаш имаше нешто интересно да се гледа, особено оние локални дерби-дуели. Тогаш се роди љубовта кон ракометот“, се наврати Христов во минатото и продолжи „ Во 80-години бев еден од организаторите на најмасовниот турнир во мал-фудбал на просториите на екс-ЈУ, прочуен турнир на весникот Вечер и Палас турист, каде работев во отсек спортски туризам. Ние го сервисиравме и ФК Вардар во тоа време и бев човек кој се ’моташе’ во тие спортски кругови… При организација на тој турнир почнаа моите први контакти со Автокоманда. Тие неколку години кога работев на турнирот направив убави контакти со луѓе со кои и генерациски сум близок, Ристо Чокрев, Цане Вељановски и почнавме да дружиме многу. По некоја линија, далечен роднина ми е и основачот на РК Металург, Никола Богдановски и тој знаеше дека се движам во кругови во кои можам да помогнам. Ме притискаше ’дојди да ми помогнеш’ и така некако почна приказната, за по осамостоојувањето на Македонија, веќе активно да почнам да работам во клубот. Од техничка и финансиска помош, во времето на Огномак М станав и претседател на клубот, а потоа на моја иницијатива се формираше и ЖРК Металург.“

Интересно е што многумина го познаваат од времето кога беше косопственик на туристичка агенција, и тоа навистина сериозна, за потоа полека да се инфилтрира комплетно во ракометот, па бизнисот да остане зад спортот.

„Во животот човекот има неколку љубови. Една од нив за мене беше туризмот, со тоа се занимавав од многу рана младост… Завршив факултет, отсек туризам, потоа работев во Палас турист, од каде со дел од колегите ја основавме Авиотурс, која подоцна стана една од 100 најуспешни фирми во Југославија. Со текот на времето се презаситив. Тоа е бизнис во кој многу се работи, а малку се профитира. Од друга страна ракометот нудеше се поголем предизвик. На предлог на Јорданов и на Чокрев како тогашен претседател, одлучивме дека Металург како сериозен клуб мора да отвори кацеларија која ќе функционира на некое ниво. Земавме пример од клубовите во европските купови со кои игравме, собиравме искуство и си зададов за цел да направам канцеларија која ќе биде пример во Македонија и која ќе сервисира се што е под капата на Металург. Се пронајдов во тоа и затоа често низ годините многупати знаат да ми кажат дека минувам повеќе време во сала отколку дома.“

ИНИЦИЈАТОР ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ЖРК МЕТАЛУРГ

Покрај машкиот тим не смее да се изостават ниту дамите, односно ЖРК Металург, на кој се чини дека Христов е вечен претседател. Факт е дека и на негов предлог поранешниот женски клуб РК Скопје, се фузира со новоформираниот Металург и така започнува приказната и за женскиот тим

„Металург во историјата никогаш немал женски клуб. РК Скопје, кој тогаш е сопственик на салата во Автокоманда и Металург направија договор ние да ја земеме салата под концесија и да се инвестира во нејзино реновирање. За да постои реципроцитет, одлучивме, на мој предлог, исто така да го земе и женскиот клуб Скопје и да направиме фузија и во 2005 година се роди ЖРК Металург Скопје… Две години подоцна ЖРК Металург остана да функционира како продолжение на некогашниот солиден РК Скопје, на кој бев голем навивач. Женскиот клуб во нашето семејство е посвојче, машките клубови предност во сè, но успеваме да пливаме успешно. Еден период и женскиот клуб добро се носеше и дома и во Европа, дури функциониравме и како клуб репрезентација. Во првите две години се носевме и со ЖРК Вардар, но ударот кој ни се случи во 2013/2014 се почувствува и кај дамите. Секако не можевме да се носиме со шампионската генерација на Вардар. Еве овие две сезони, повторно со база на домашни играчи, на млади играчи се бориме, сега со Куманово како главен ривал, кој искрено мислам дека е посилен од нас во моментов.“

И машкиот и женскиот тим долго време беа расадник на македонски репрезентативци, па дури на моменти и делува дека се функционира како клуб-репрезентација, а тоа е и политиката на клубот од самиот старт.

„Политиката на Металург од прв ден се базира на тоа. Како еден од примерите кога ја формиравме канцеларијата го земавме дански Скјерн. Тоа е најдобар пример за мене како се работи во клуб и како треба да се гради базата на еден клуб. Од најмали нозе децата се учат прво на културата и однесувањето во сала, а потоа се работи да прераснат во играчи. Со конкретна визија како од најмали нозе да се гради основата на тимот и да се креира иднината на екипата. Металург се обидува да го направи истото и со Академијата и со сите потези на Червар за неафирмирани играчи да играат тука и да прераснат во врвни ракометари. Металург во последниве 20 години го храни македонскиот ракомет со таквата политика.“

„АВТОКОМАНДА“ ЗАСЛУЖУВА ЕВРОПСКИ ЛИК

Христов што не успеал да ги постигне три работи во сите овие години како дел од Металург.

„Жалам за една екипа на раководство во клубот, едeн раководен столб, кој го имавме, а се растури. Досега неостварена желба ми е Металург да го видам на Ф4 во Лигата на шампионите, но се надевам дека тоа ќе се случи еден ден и последна работа е салата. Мислам дека ’Автокоманда’ заслужува да добие европски лик како ’Борис Трајковски’ или ’Јане Сандански’. ’Автокоманда’ е расадник на македонски ракометари и единствената сала во државата каде исклучиво од осум часот наутро до 24 навечер се игра ракомет.“

ИДЕАЛЕН ТИМ

На прашањето дали Металург може повторно да биде шампион, Христов брзо одговора: „Да! Не би бил јас-јас, ако не верувам во моите деца и машките и женските. И јавно ветувам дека повторно ќе ги избричам мустаќите кога ќе го сторат тоа мажите.“

И како за одјава го замоливме да ни го формира неговиот идеален тим на сите играчи кои го носеле дресот на Металург, а тој избра вака:

„На голманска позиција Станиќ и Мијатовиќ, десни крила Гоце Георгиевски и Александар Јовиќ, леви крила Дејан Манасков и Стевче Алушовски. Средни бекови Филип Миркуловски, Наумче Мојсоски и Лука Циндриќ. Десни бекови Ренато Вугринец и Владан Липовина, додека на лев бек – Вуко Борозан, Пепи Манасков, Александар Шпенде. Пикери Ванчо Димовски, Жарко Пешевски и Младен Ракчевиќ, додека во дефанзивна линија Ацо Јоноски и Велко Маркоски“ – ја состави екипата Филип иако му требаше малку време за да ги ’прелиста’ сите постави и играчи кои минале низ годините во „Автокоманда“.