Интервју со Ненад Шоштариќ: Човекот кој ги вивна Хрватките и го изненади ракометниот свет

Ако треба да се издвои изненадување на првата фаза од Европското ракометно првенство за жени 2020, тогаш тоа без двоумење е репрезентацијата на Хрватска. Коцкестите пристигнаа тивко во Данска, без медиумска помпа и свечено испраќање, собраа репрезентација без звучни имиња, со само пет професионални ракометарки им се спротивставија на Унгарија, Холандија и Србија... и победија!

Хрватките по првиот круг на Европското првенство во Данска, можат да се пофалат со 4 бодови, скалпот на светскиот шампион и секогаш посакувана победа против незгодниот сосед Србија.

Токму селекторот Ненад Шоштариќ е човекот кој ја создаде оваа ракометна сила, темелена на храброст, срце, сполтеност и безрезервна поддршка. Ако малкумина знаеја дека Хрватска на почетокот на декември заминува на првенство во Данска, денес се бара место повеќе за гледање на вечерниот натпревар. Добар стрим или другар со кабелска претплата… бидејќи преносите ги нема на националните телевизиски станици во Хрватска.

По првата победа ни пристигнаа голем број на честитки и повици и СМС, ни честита луѓе од сите страни, се јавија луѓе што не сме очекувале дека може да се јават. Се јавија и фудбалерите, еве и Лука Модриќ ни честиташе. Навистина преубаво чувство кое досега не сме го доживеале ниту јас ниту девојките.- вели хрватскиот селектор Ненад Шоштариќ

Ниту во малкуте изјави пред почетокот на првенството не можеше да се насети ваква ракометна експлозија од репрезентацијата на Хрватска. Во обраќањето кон медиумите селекторот секогаш воздржан и скромен, потенцираше дека ова е најдоброто што може да се собере во период на корона пандемија и во услови какви се во моментов.

Јас реков дека репрезентацијата на било која земја се оние играчи кои во тој момент се здрави, сакаат и кои можат да играат. Да, ние во овој момент можеби посакуваме да бидат здрави и да ги донесеме тука Милосављевиќ или Милошевиќ, за да ја заменат и засилат бековската линија, во однос на измените и во однос на задржување на темпото. Но за жал, со самиот нов распоред, невозможно е да го направиме тоа во овој момент. Ќе видиме пред дуелот со Германија.

А во составот на Хрватска има само пет ракометарки кои професионално се занимаваат со овој спорт. Останатите репрезентативки се студентки, но таквиот спој ја одведе Хрватска до првата позиција во групата Ц. На овој турнир недостасуваат неколку важни ракометарки од шампионот на Хрватска, Подравка, но тоа не се чуствува на терен, барем засега.

Ние тука имаме пет професионалки и останатите сите се студентки, а морам да нагласам дека студираат навистина сериозни факутети како биохемија, псхилогија, биологија и веќе се на крајот на студиите или ги завршиле. Со нив е полесно да се работи и да се комуницира. Со поголем дел од нив јас работам на дневна база, и знам што да очекувам. На почетокот на подоготовките во септември,  ние им ја пренесовме таа нашата филозифија. Ова не е од вчера, ова е процес, ние тоа го работиме полека чекор по чекор, три години, со додавање нови ракометарки, а исклучување на други. Дали би биле посилни со тие што не се тука, сигурно дека да, дали би се вклопиле, сигурно да, меѓутоа јас сум поборник на она – со тоа што го имаш, со тоа работиш. Во спортот и во животот се случуваат повреди и болести, па мора да дадеме најмногу што можеме.

Ненад Шоштариќ, Хрватска vs. Холандија, Европско првенство жени 2020 Колдинг, Данска  ФОТО:Jozo Cabraja / kolektiff images

Ракометните преноси од Хрватска се емитуваат на приватен спортски канал на еден кабелски оператор, ниту интересот пред почетокот на Европското првенство не беше на ниво на нивните колеги од машката А селекција, заминаа тивко и без многу помпа, а хрватската јавност заборави да ги испрати, како да не веруваше во нив. Пред дуелот со Унгарија, Хрватска немаше победа на големите натпреварувања цели пет години.

Во овие девојки веруваше комплетниот стручен штаб на ХРС. Јас сум можеби малку луд, подолго време сум во ракометот, знам да ги препознаам вистинските таленти и вистинските лиѓе и тоа што ми е важно мене, овде се споени карактери. Јас кога бирам играчи и за во клуб и за во репрезентација, ги бирам и според карактерот, не само по квалитет и тоа е она што е најважно. Моравме да ги уверуваме пред сè, нив самите, дека можат да играат и да го прескокнат тоа прво скалило. Ако сакаш нешто големо, мора да победиш некој голем. По мечот со Унгарија, тие сфатија дека можат да играат со сите и ниту една репрезентација не е преголем залак. Тоа е најдоброто нешто кое успеавме да го направиме.

Заврши „медениот месец“ за Хрватска на ова првенство, во вториот круг влегуваат со максимални бодови, но таму ќе се соочат со сериозни репрезентации кои немаат право на грешка. А дали ќе продолжи бербата на бодови и во главната фаза зависи од многу фактори, но Шоштариќ ветува дека ќе дадат сè од себе без разлика дали ќе плачат или ќе се смејат на крајот од натпреварот.

Ние одиме понатаму. Во спортот никогаш не можеш да знаеш како ќе биде. Но она што можеме да кажеме дека хрватските ракометарки ќе гинат една за друга, без разлика дали ќе се смееме или плачеме и понатаму ќе давааме сè од себе. Тоа е основото мото на овој тим.

Не е само тимскиот дух кој ја води оваа репрезентација на Хрватска кон победи, Унгарките можеа на дело да ја почуствуваат тактиката на Шоштариќ и специфичната одбрана на „коцкестите“, која за дуелот со Холандија ја променија.

Пред некој ден разговарав со Љубомир Обрадовиќ кога Србија ја победи Холандија, а ние Унгарија, како и со мојот пријател и експерт Драган Ѓукиќ. За жал, ние на екс просторите на Југославија многу малку се цениме. Им дозволивме на другите да ни ја потценуваат и навредуваат одбраната 3-2-1, која е родена во Хрватска, која е наша, а подоцна ја промовираше Владо Штенцл со југословенската репрезентација. Да тврдат дека е некоја подваријанта на зоната 5-1. Германците ми велат каква е таа зона кога еден играч чува двајца, а друг – ниеден. Драган Ѓукиќ пред неколку месеци издаде книга, Враќање кон корените – одбрана 3-2-1. Тоа е втора книга во историјата на оваа тема(зона 3-2-1), а првата е напишана од еден Шпанец, и беше единствена досега. Има многу книги издадени за француската одбрана, за руската… ние едноставно не се цениме себе си. Мора повеќе да верувам во она што го работиме. Јас како тренер мислам дека одбраната е почеток на сè, ако сте гледале натпревари на големи натпреварувања, кога се играат завршните натпревари, секогаш завршуваат 23-22, а не 40-36. Но, од друга страна исто така сум поборник од одбраната максимално да се трча колку што може. Сакам ракомет во кој ракометарите размислуваат во полн трк.Тоа е она што ја чини убавината на ракометот. Мислам дека во женскиот има многу повеќе тактика и убавина, во машкиот тоа е сведено повеќе на сила, чиста физика.

Ненад Шоштариќ, Европско првенство жени 2020 Колдинг, Данска  ФОТО:Jozo Cabraja / kolektiff images

Ненад Шоштариќ по трет пат седнува на селекторското столче во Хрватска. Беше селектор во најубавиот период во хрватскиот женски клупски ракомет, но на големите натпреварувања недостига сјајот на подиумот. Дали оваа генерација може тоа да го донесе?

Секако дека би сакал да биде така. Историска генерација беше и она првата со Бубало, Колега, Петика, Михоци, Маљко…Тоа беше кога Подравка во 1996 година беше европски првак, а следната година Локомотива (односно Краш во тоа време), на која јас бев тренер, играше во финалето на КПК. Без оглед на тоа што бевме големи ривали, имавме голема хемија. Имавме несреќа што во четвртфиналето на тоа ЕП 1996 налетавме на Данска, која подоцна освојуваше сè – европски, олимписки титули со Ања и Камила Андерсен, Лауритцен, Хофман…Изгубиме со четири разлика, а промашивме пет пенали. Вторпат кога дојдов на селекторската клупа, дојдов со отворено срце, сакав да создадам нешто ново со млади играчи. Почнав со Лидија Хорват, со Андреа Пенезиќ, со нив почнав создавање нешто ново. Но, полтииката на ХРС беше: „сега е првенство кај нас, ние сме домаќини и бараме резултат веднаш“ , па се одлучија да одат по друг пат. Тој пат не се покажа успешен, мене ми е навистина жал поради тоа. Тренерската работа е таква. Како што ми кажа Томислав Ивиќ – работи како цел живот да ќе останеш таму некаде, а држи го куферот секогаш  покрај врата. Се навикнав на тоа, ми беше жал, бидејќи мислам дека и со едната и со другата генерација кога престанав со работа како селектор ни ја одземаа шансата да се квалификуваме на Олимписките игри уште многу поодамна и мислам дека тешко ќе го остварам во кариерата, за тоа ми е жал и тоа е нешто што недостига.

Шоштариќ делува многу смирено за време на тајм-аутите и најчесто покрај аут линијата, а таа смиреност ја пренесува и во играта на Хрватска.

Сите што ме познаваат не би рекле дека е така. Јас сум човек полн со емоции, брзо се пали, брзо се гаси. Сакам да дадам сè од себе, но и барам исто така од другиот. Секако дека на тајм-аут мора да бидеш смирен на вакви натпревари и да ги смириш играчите. Ако сега уште повќе го „надувуваш балонот“, сè ќе експлодира. Тоа што е важно е дека јас сум тип на човек, кој мора да ги сакам луѓето со кои работам. Со луѓе што не ми одговараат карактерно не можам да работам и не сакам, без разлика дали се работи за малку или многу пари. Ракометот е работа со која се занимавам, но пред сè е задоволство. Завршив два факултети, петнаесет години работев во банка како девизен контролор, сега веројатно имам право да се одлучам да работам нешто што сакам. А тогаш тоа ми причинува задоволство, ако веќе немам пари, морам да бидам задоволен. Ако го немам ни едното ни другото, тогаш нема да работам.

Хрватска игра без класичен десен бек на ова првенство, иако досега успешно се справуваа со противниците го прашав селекторот на Хрватска што недостасува, а што има вишок во репрезентацијата на Хрватска.

Вишок никогаш нема, ни недостига вистински десен бек, шутер. Не мислам дека мора да биде екстремно висок, туку добро да се движи, да знае ракомет и да се вклопи во нашата приказна. Сега ја имаме Калаус, а во помладите генерации имаме три ракометарки  – Леа Франушиќ, Јосипа Касељ и Маја Беланџиќ. Тоа се ракометарки кои се високи 1,9 м, но сите знаат да играат ракомет, и со нив би добиле во агилност на нападот. Мислам дека во некоја од нив може да најдеме десен бек за иднината.

Корона кризата го измени првенството, но и подготителниот период со оглед на влијанието кое пандемијата го имаше во спортот. Сигурно би било понаку доколку сезоната започна регуларно, а ракометарките имаа доволен број натпревари и ја достигнеа оптималната натпреварувачка форма.

Би било поинаку сигурно, дали ќе имаше повеќе или помалку повреди, тоа само можеме да замислиме. Понаку е да живеете во стерилни услови и да размислувате на малку поинаков начин. Ние сега се шегуваме со девојките, овој начин на играње е природен за нас, да играме без публика, бидејќи толку колку што сега има на ЕП, има и на натпреварите во хрватското првенство. Тие што играат надвор, можеби играат пред полни сали, па за нив можеби е поразлично, но мораме едноставно да се навикнуваме на новата реалност и да ја прифаќаме.

Ненад Шоштариќ, Хрватска vs. Холандија, Европско првенство жени 2020 Колдинг, Данска  ФОТО: Stanko Gruden / kolektiff

На прес-конференцијата по дуелот со Унгарија, Шоштариќ ја потенцираше разликата меѓу Унгарија и Хрватска. Тие создаваат идоли, а Хрватска ги уништува.

Јас се надевам дека некој ќе го чуе тоа. Едноставно е – ако ве нема во медиумите, исто како да не постоите. Јас цел живот сум во ракометот, и секогаш ми е драго кога се пишува за ракометот. Но кога ќе ги отворите хрватските медиуми, кои пишуваат за ракометот ќе забележите дека односото на пишувањето за женскиот ракомет наспроти машкиот е 1:100, не е 1:10, туку 1:100. Ако сакаме да создаваме идоли, а идолите ќе привлекуваат деца да тренираат. Илјадници клинци почнаа да играат ракомет поради Балиќ и Метличиќ, денеска поради Дувњак или Карачиќ. Како девојките да бидат нечии идоли, кога никаде не читаат за нив. Зошто да нема никаде статии за Мицијевиќ, Крсник, Калаус…Децата се поистоветуваат со некој идол, подобро да се поистоветат со спортистите и врвниот спорт отколку со кафулињата и со таблетите.

Дувњак, Циндриќ, Муса, Пешиќ, Шего се дел од ракометарите кои им испратија порака со поддршка на девојките.

За девојките беше многу важно кога двете репрезентации (машката и женската) бевме заедно во Хановер, кога прв пат седнаа на иста маса со ракометарите и се запознаа. Спортистите се спортисти и секогаш се ценат едни со други, и знаат колку напори  и енергија треба да се вложат за да се остварат големи резултати. А некогаш може и да не врати ништо за возврат. На фудбалерите им се допаѓаат фотографиите на социјалните мрежи, меѓу нив и Лука Модриќ…Секогаш кажувам ние Хрватите, но тоа се однесува на целиот Балканот, ние ги признаваме само победниците и тоа е единствено нешто што не интересира. Тука сме слични како кај Арапите, со кои соработував седум години. Кога си прв ти си гениј, кога си втор ти си кретен. Само посакувам сите повеќе да го препознаваат ова што девојките го прават, да се пишува за нив повеќе, да бидат во весниците и медиумите и на тој начин да го развиваме ракометот. Не женски, не машки, туку ракометот. Ракометот е само еден, или го играш убаво и добро или не го играш воопшто.

По цели пет години Хрватска против Унгарија го симна проклетството и низата порази, а во наредните четири дена следуваше ракометна рапсодија. Можеби „коцкестите“ немаат звучни ракоментни величини, но тимскиот дух и сплотеноста која ја создаде селекторот Ненад Шоштариќ и даваат нов шарм на малата земја која создава ракометни величини. Сега вратите се подотворени, а страниците на историјата стојат празни во очекување на нови подвизи.