„Имам понуда од Мешков, но се уште размислувам…“

По напуштањето на тренерската функција од страна на Раул Алонсо, Мешков Брест е во потрага по нов тренер за новата сезона.

Поранешниот репрезентативец на Словенија, Урош Зорман би можел да стане наследник на Раул Алонсо во белорускиот шампион, но од неговите изјави за „sport.tvp“ може да се заклучи дека е пред тешка одлука.

„Вистина е дека имам понуда од Мешков Брест. Имаме контакт, во тек се преговорите, но се уште не сум донесол одлука. Не е толку едноставно”, изјави Зорман.

Тренерот на Тримо Требње од 2018 до 2020 година работеше во полскиот шампион Келце. Таму беше асистент на Талант Душебаев. Сепак, голема улога во неговата одлука која треба да ја донесе ќе има и поврзаноста со неговото семејство.

„Последните две години во Полска бев сам, без моето семејство. Се вратив во Словенија да бидам со нив. Сега сум дома, децата тука одат на училиште и сопругата оди на работа. Требње е на само 15 километри од мојот дом. Имам различни идеи во мојата глава, но тука се чувствувам добро. Останува да видиме што ќе се случи понатаму”, заврши Зорман.

Пред две години, Вардар сакаше да го ангажира Урош Зорман како нов тренер, но трансферот не се реализира.