Илиевски: Со едно-две засилувања, Струга ќе биде незгоден ривал за сите во плеј-оф

Струга минатото коло обезбеди плеј-оф, а со триумфот над Пролет со 25-21 само го потврди пласманот меѓу најдобрите во суперлигашката конкуренција.

Левото крило Игор Илиевски по неколку години играње во Германија, се врати на домашна сцена. Некогашниот ракометар на Пелистер, Еурофарм Работник, Пролет и Металург, со своето искуство и помогна на Струга да обезбеди место меѓу најдобрите.

„Плеј-офот е дефинитивно обезбеден. Честитки до сите мои соиграчи и стручниот штаб, целта за оваа година е остварена, тоа беше опстанокот. Сега можам да кажам дека ќе уживаме во ракометот во пролетниот дел покрај квалитетни екипи и ќе пробаме да го дигнеме нивото на едно скалило повисоко. Иако бевме малку ослабени, без Србинот Ракоција, кој се повреди минатиот пат и на кој му посакувам брз камбек, а Димитриески заработи повреда против Пролет, сепак успеавме да одиграме најдобро што можеме оние што бевме на терен и го потврдивме местото во плеј-оф, па ќе имаме многу помирен пролетен дел“, вели Илиевски за 24Ракомет.

Стружани напролет ќе играат против Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург…и посакуваат да бидат незгоден ривал за сите.

„Оваа екипа на Струга со едно-две засилувања може да биде незгоден ривал на повеќето екипи во плеј-оф, но има време за тоа. Најпрво да го одиграме дуелот со Јуниор КВ каде што шанса ќе добијат помладите соиграчи. Потоа следува пауза за празниците, која на сите ни е потребна за полнење на батериите во кругот на најблиските“, продолжува Илиевски.

Битолчанецот настапува во Германија, во екипата на Аполда, но по три сезони се врати во Македонија.

„Се вратив во Македонија по три години во Германија во екипата на Аполда. Искрено ме фати носталгија за дома и тоа беше најголемата причина, иако другото се беше како што треба таму“, вели Илиевски.

Тој смета дека подобар систем би било ако се игра двокружен систем со десет екипи во Суперлигата.

„Ако се прашувам јас, тогаш би сакал да се игра двокружен систем со десет квалитетни екипи, бидејќи вака со 16 премногу се разводнува квалитетот. Сепак РФМ најдобро знае како треба да се игра“, заврши Илиевски.

Нема бодови за гостите во Струга, дербито со победа за домаќинот

Димов: Напролет ќе видите помоќен Пролет