Играше за Вардар и Металург, стана македонски зет, а сега се пензионира

Поранешниот ракометар на Вардар и Металург, како и екс српски репрезентативец, Александар Стојановиќ, реши да ја заврши играчката кариера.

Последен клуб на македонскиот зет, кој е оженет со екс членката на Кометал ЃП – Семра Радончиќ, беше тимот на Железничар од Ниш каде играше до прекинот на српското првенство поради коронавирусот.

„Повеќе од 15 години минав во странство по заминувањето од Врбас. Се вратив во Србија минатата година и последната станица ми беше Ниш. Искрено, се заситив од играње ракомет“, вели Стојановиќ за „Журнал“.

Сепак десниот бек не ја исклучува можноста да остане во ракометот во поинаква функција.

„За тоа дали ќе бидам тренер се уште не сум одлучил. Најтешко ми паѓаше одвоеноста од семејството. Иако имам 37 години се уште ми стигнуваат понуди, но во овој момент тоа не е важно, мојата одлука е конечна“, завршува Стојановиќ.

Покрај Вардар и Металург, десниот бек играше за Јагодина, Врбас, Целје, Копер, Анталија, Истр, а најголема трага остави во швајцарскиот Кадетен Шафхаузен. За српската репрезентација играше на СП 2009 и ЕП 2010 година.