Играч, професор и тренер, кога се сака сè се постигнува

Македонската интернационалка, Викторија Мурговска, настапува во швајцарскиот шампионат за екипата на Ротвајс Тун. Ова е втора интернационална кариера на ракометарката од Битола по настапите за поранешниот шампион на Данска, Хорсенс Елит. Игра на позиција среден бек, но исто така може да ја покрива и позицијата лево крило.

Со оглед на тоа дека екипите во Швајцарија во женска конкуренција напредуваат од сезона во сезона, Мурговска, го потврдува квалитетот на домашното првенство во Швајцарија. Како ракометарка во Ротвајс Тун е задоволна од прикажаното на терен, додека амбициите на Мурговска се напредок на двете полина, играчки и тренерски.

„Веќе една година сум во Швајцарија и сум задоволна од прикажаното на терен. Супер лигата во Швајцарија е далеку подобра и поквалитетна за разлика од македонската лига. Секако, има услови за напредок, но моите амбиции не се да напредувам само како играч, туку да го искористам и моето искуство, да се стабилизирам во Швајцарија и да ја продолжам кариерата како тренер”, вели Мурговска за 24 Ракомет.

Искусната ракометарка во Швајцарија освен што игра ракомет работи и како професор по англиски јазик во две основни државни училишта. Стекнатото знаење од Факултетското образование го пренесува и на најмалите. Пред да пристигне во Швајцарија доби и понуда од клуб од Норвешка, но ја прифати понудата на клубот од Швајцарија (Ротвајс Тун).

„Во Швајцарија пристигнав и како играч и како професор, а пред да дојдам во Ротвајс Тун имав две понуди. Имав понуда од клуб од Норвешка да играм професионално и тука, да играм и да работам. Во моментов одлично се чувствувам и ова беше тоа што и го посакував, да стекнам искуство и во другата сфера односно тоа што и го студирав во Македонија. Работам во две основни државни училишта, секако, има време и за други активности, најчесто одам на скијање”.

Амбициозната Битолчанка основа и своја ракометна школа во Битола „РК Винда“. Во моментов со екипата работат двајца тренери, а интересот за ракомет е на солидно ниво. Паралелно, тренерското искуство го усовршува и со учество на ракометни семинари, модули и работилници низ Европа. Доби и сертификат кој е признат од Данската ракометна федерација на семинарот во Виборг.

„Во ракометната школа имаше прекин поради Ковид – 19. Искрено сум пријатно изненадена затоа што бројот на девојки останува ист, пред и после паузата, поради настанатата ситуација со Ковид – 19. Во школата моментално работат два тренери и амбициите се од ракометната школа да излезат што повеќе ракометарки, да им се даде можност на ракометарките кои имаат квалитет и знаење. Јас со моето искуство и моите контакти од странство можам да им помогнам на сите кои имаат сон да станат успешни играчи во Македонија, но и надвор од нашата земја. Најголем впечаток ми остави ракометниот семинар во Данска. Освен тоа што слушавме и теорија и разменувавме свои искуства како тренери, во моментот на одржување на семинарот имаше и ракометен турнир на кој учествуваа најдобрите екипи од најдобрите лиги во Данска и можевме директно да разговараме со тренерите за нивната тактика и за време на натпреварите да даваме наши идеи и да ги развиваме истите”.

Мурговска беше и на тренерското место на женскиот клуб Пелистер. Со младата екипа оствари солиден успех на европска сцена во Челинџ купот. Почетните тренерски води ги опишува како лесни, но работата со најмладите  како еден силен предизвик и напорна работа за градење на еден квалитетен играч. Освен што беше тренер на сениорскиот тим, под нејзино раководство беа и помладите категории.

„Предизвикот како тренер не беше тежок затоа што решена бев дека ќе престанам да играм ракомет, всушност тоа беше само една кратка пауза. Се вложив со цело срце и цела енергија, мислам дека бев успешна, тоа беа првите две почетни години како тренер. Сепак, бев тренер на екипа на ракометарки кои беа неколку години помлади од мене, односно играв против нив во минатите сезони. Напорно е да се работи со млади играчи, но задоволството е огромно кога ќе го видите нивниот напредок на терен”.

По завршувањето на кариерата во Пелистер, Викторија Мурговска, ја почна првата интернационална кариера во Данска. Потпиша договор со амбициозната екипа на Хорсенс Елит и покажа одлични партии во данскиот шампионат.

„Мојата кариера во Данска ме промени многу, и како играч, но и како тренер, Таму започнав да работам како тренер со младите категории. Скандинавскиот менталитет имаше позитивно влијание кај мене. Нивната структурираност и професионалност, оставија најголем впечаток кај мене. Во иднина секако може да се очекува тренерска кариера. Наредната сезона останувам во Швајцарија, уште сум во преговори, дали тоа ќе биде сегашниот клуб Ротвајс Тун или некој друг клуб од кој добив понуда, ќе видиме. Како играч, друг интернационален предизвик нема да имам и тука ми се допаѓа комбинацијата на двете кариери. Секако дека ќе се надоградувам како тренер. Желба ми е да ја земам и третата лиценца, а потоа и мастер коуч“, рече Мурговска за 24 Ракомет.

Во својата ракометна кариера, Мурговска, беше дел од македонските екипи на Феникс АМ, Пелистер, Гевгелија и Жито Прилеп. Беше дел и од тимот на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“.