Иван Марковски најави позитивна сезона: Време е Металург да се врати на старите патеки

Од вчера и екипата на Металург означи почеток на подготовките за новата сезона, а вкупно 17 ракометари се појавија на првиот тренинг со што ракометарите влегуваат во новиот шампионат.

Првиот тренинг беше одработен во салата во Автокоманда, а од денеска ќе се почне со работа двапати на ден.

„Oва е еден нов лик на Металург. Има многу измени во играчкиот кадар и покрај целата ситуација и сето она што се случува. Се надевам дека сите тие проблеми ќе останат зад нас и дека Металург ќе се врати на нормалните патеки. Металург и во најдобрите времиња и сега атакува на највисок пласман. Не поставуваме притисок пред нас или играчите дека мораме да го нападнеме првото или второто место бидејќи нормална опција е третата позиција со однос на играчите кои ги ангажиравме и репутацијата која ја имавме. Сепак, ако ни се отвори шанса за напад на првото и второто место тоа ќе го направиме. Јас верувам во овие играчи бидејќи тие се мој личен избор и остануваме на амбициите, профилот и системот кој го играме откако сум јас тренер и го практикувам“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на Металург, Иван Марковски.

Во новата сезона ќе има измени и во играчкиот кадар бидејќи некои од играчите заминуваат, а за дел уште е отворено прашањето дали ќе останат или ќе си заминат.

„Ние сме спој на млади и искусни играчи. Отворено ни е прашањето за голманската позиција и среден бек. Уште сме во преговори со Марко Тарабокија за продолжување и сигурно дека во текот на овие денови ќе се знае дали ќе продолжиме со него. Лично тој е моја желба и инсистирам на неговото останува. Или ќе биде некоја друга опција. Мислам дека прво треба спортскиот дел да го одработиме со мирни глави и да ги почнеме подготовките. Многу важно за нас е тоа дека сакаме да бидеме екипа која ќе биде беспрекорно физички подготвена и која ќе игра добра одбрана, ќе трча и ќе биде добра во транзицијата“.

Во првиот тим се вклучени и ракометари кои досега играа за втората екипа така што ќе имаат можност да се покажат и во дресот на првиот состав.

„Анимиравме неколку млади играчи од школата на Металург. Андреј Стојановски и Давид Брестовац добиваат шанса,а тука е и Андрија Мандиќ. Тие добиваат шанса да работат со врвни имиња. Сакам да им упатам една порака на младите без разлика дали се од нашиот или од некој друг клуб. Имајте амбиција и желба да работите со светски имиња како што имаме во клубот во моментов. Непроценливо е нивното искуство и работата со нив. Се надевам дека ќе биде продуктивна за младите. Тие добиваат шанса без разлика дали ќе ја искористат или не. Тука е и Костадин Петров за кого инсистирав да дојде. Тој има голем напредок во Шпанија и во Романија во последните сезони. Тука е и Бобан Каковски кој е потенцијал, кој е недокажан, веројатно од икс причини, но ќе добие шанса. Веројатно каде што треба да го потврди квалитетот кој го поседува. Со Хорват, Дупјачанец имаме добра подлога и база мирно да се подготвуваме за почетокот на првенството“.

Тренерот на Металург гледа сосема реално на новата сезона и очекува неговите момци да се обидат да дојдат до максимум, а вели дека подготовките ќе треба да се сработат добро.

„Ако Вардар е можеби еден чекор пред другите, мислам дека зад Еурофарм Пелистер не заостануваме многу. Со секој респект на другите тимови и на Пролет и на Бутел Скопје. Тимот на Бутел Скопје сериозно се засили во однос на претходната сезона. Нè очекува едно интересно и возбудливо првенство. За да бидеме подготвени да го покажеме она што се очекува мора да одработиме добри подготовки и во еден нормален и добар тренажен процес да ги оспособиме играчите за маратонско првенство бидејќи до крајот на годината треба да се одиграат 17 кола. Програмата која ја направивме со мојот стручен штаб ќе биде продуктивна за играчите“.

Во новата сезона тимот на Металург нема да игра во Лигата на Европа.

„Можеби се откажавме од играњето во Лигата на Европа, но го направивме сето тоа со цел да го стабилизираме клубот и се надевам дека сите ќе го препознаат нашиот ентузијазам и ангажираност од момците, претседателката Зорица Блажевска и мојата работа и работата на мојот стручен штаб. Сепак, време е Металург да  се стабилизира и да се врати на позициите на кои беше во минатото“.

Според Марковски враќањето на двете екипи кои играат во СЕХА лигата во домашното првенство од почеток е добро за лигата, но и за другите тимови.

„Можеби за Вардар и за Еурофарм Пелистер не одговара враќањето во натпреварите од Супер лигта од почеток бидејќи играат и во европските купови и во СЕХА лигата, сепак, тоа е добро за првенството на Македонија. Ние другите екипи кои не сме во тие натпреварувања ќе треба да покажеме голема сериозност во лигата. Мислам дека без разлика на распоредот, сите имаат математики. Јас мислам само на својот тим и сакам да го гледам прогресот на моите играчи. Ќе бидам концентриран исклучиво на темпото и работата на мојот тим“.

Пред почетокот на сезоната тимот на Металург планира и девет контролни средби.

„Во принцип сум тренер кој сака формата да ја гради низ повеќе натпревари. Имаме предвидено девет натпревари што е речиси пола од есенската полусезона. Сепак, тоа е мојот начин на работа. Сите играчи да добијат шанса и наизменично да работат и на физички план и тактичко-технички дел. Мора да го вкомпонираме тимот. Ние сме со нови играчи и од старт мора да го поставиме системот. Браќата Њокас се преискусни, како и Хорват и Мане како и Рибиеро за кого сметам дека е одлично лево крило и верувам дека ќе го даде допринесот за нашата екипа. Резултатот нема да биде во преден план. Ќе спарингуваме и ќе играме со екипите кои се закажани. Имаме турнир во Хрватска и во Струга, а имаме два натпревари со двете екипи на Еурофарм Пелистер. На овие натпревари ќе ја темпираме формата на Металург“, заврши Марковски со своите коментари за 24 Ракомет.

Металурзите од денеска утринските тренинзи ќе ги одработуваат на Кејот на Вардар, а навечер ќе тренираат во салата во Автокоманда. Од 3 август ракометарите се селат во Маврово каде што ќе се работи до заминувањето на Струшкиот турнир.