Ивана Гакидова се сели во Турција, потпиша за Коњалти

Македонската репрезентативка Ивана Гакидова ќе има нов предизвик во нејзината кариера.

Гакидова по една сезона во српската Наиса Ниш, со која играше во Европскиот куп,  српскиот плеј-оф и финалето на Купот, заминува во турскот тим Коњалти.

Таму веќе игра една македонска репрезентативка, Моника Јанеска, а пред неколку дена за овој тим потпиша и некогашната вардарка Алена Ихнева.

„Се прави квалитетна екипа со селекторот на женската репрезентација на Турција. Целта на клубот е да се обезбеди место во Европа. Во Коњалти доаѓа и Алена Ихнева од Вардар, а јас сум подготвена за новиот предизвик во кариерата“, вели Гакидова за 24Ракомет.

Кружниот напаѓач Гакидова, покрај настапите за Вардар и Металург на домашна сцена, на меѓународна ги носеше дресовите на француските Стразбург и Сен Маур, како и на чешкиот Бањик Мост и на норвешкиот Молде.