„Знаеме кој е Алкалоид, но ќе се бориме до последната секунда“

Ракометарите на Струга во натпревар од 12. коло од Суперлигата на свој терен ќе го пречекаат Алкалоид.

Стружани во првата пресметка против тимот на Кире Лазаров беа убедливо поразени со 36:29.

Еден од помладите во тимот на Струга, кружниот напаѓач Петар Маркоски се надева дека со неговите соиграчи ќе одиграат квалитетен натпревар против дебитантот, кој моментално е позициониран на 2. позиција на табелата во групата А.

,,Кога зборуваме за Алкалоид, сите знаеме за каква екипа станува збор. Можам да кажам дека од натпревар во натпревар сме сѐ подобри, воиграни и затоа очекувам посветеност и борба од мојата екипа. Без разлика, кој е нашиот противник, на секој натпревар влегуваме мотивирано, така ќе биде и на овој натпревар и ќе се бориме до последната секунда пред нашата публика. На првиот дуел во Скопје не бевме комплетни. Сигурен сум дека Струга ќе понуди поквалитетен натпревар на домашен терен, а тука ќе биде и поддршката од навивачката група ,,Паткари”. Алкалоид има поголема клупа, но ние напорно се подготвуваме за овој натпревар. Клучен фактор на овој натпревар ќе биде цврстата одбрана, ќе треба да ја спречиме брзата транзиција на Алкалоид и да не дозволиме лесни голови од негова страна”, изјави Маркоски.

Струга до крајот од регуларниот дел на сезоната ќе одигра уште два натпревари, против Охрид и Вардар. Тимот на Жарко Ферукоски теоретски останува во игра за пласман во плеј-оф фазата.

Натпреварот меѓу Струга и Алкалоид ќе се одигра на 26 ноември (сабота), со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Нико Нестор“. Судиската правда на овој дуел ќе ја делат Исмаил Металари и Ненад Николовски.