Зарабец за 24Ракомет: Ќе биде тешко против Македонија, добија нова енергија со Лазаров

Во друштво со Македонија, Данска и Црна Гора, на ЕП 2022 година, ќе биде и репрезентацијата на Словенија.

Еден од стандардните ракометари во словенечката репрезентација и организатор на нејзината игра, Миха Зарабец смета дека групата е составена од силни репрезентации, секој натпревар ќе биде тежок, а за натпреварот против Македонија најави борба за освојување на бодовите. Ракометарот на Кил покажа и респект кон македонската репрезентација.

„Групата е навистина тешка. Мислам дека Данска не е фаворит само во нашата група, туку тие се фаворити и за освојување на првенството. На првиот натпревар во Дебрецен почнуваме против Македонија и ќе биде многу тешко против нив, како и секогаш. Македонија доби нова енергија со Кире Лазаров како селектор и можеме да видиме дека тие играат подобро од натпревар во натпревар. Ние ќе мора да ги покажеме своите квалитети за да ја победиме репрезентацијата на Македонија”, изјави Зарабец за 24 Ракомет.

Македонија и Словенија ќе играат на 13 јануари, на 15 јануари нашата селекција ќе се соочи со Црна Гора, додека на 17 јануари ќе играме против Данска.