Започна француската авантура на Кипријановска

Македонската репрезентативка Јована Кипријановска во новата сезона ќе го има првиот интернационален предизвик, откако реши од Куманово да се пресели во Франција.

Кипријановска ќе го носи дресот на второлигашот Шамбре Авенуа, клуб, кој има високи амбиции да обезбеди пласман во француската елита за следната сезона.

Шамбре Авенуа веќе ги започна подготовките за новата сезона, а Кипријановска имаше доволно време за аклиматизација во новата средина. Клубот претрпе мали промени, а една од ракометарките кои си замина на крајот од изминатата сезона беше и левиот бек од Македонија, Леонида Гичевска.

Младата ракометарка од Куманово ќе се обиде својот голем потенцијал да го докаже надвор од границите на својата татковина. Во својата кариера го носеше дресот само на истоимената екипа од својот град, а со одличните настапи од сезона во сезона сосема очекувано беше дека ќе заигра во квалитетен клуб од странство.