Залудни 13 гола на Лисичков, бодовите останаа за Бисинов!

Екипата на Бисинов со победа ги започна натпреварите во прволигашкиот плеј-аут. Дебитантот во Првата лига во крајно неизвесен и израмнет натпревар триумфираше на свој терен против Партизан Гевгелија со 27:26.

Гостите од Гевгелија до 20 минута од дуелот беа во водство, но откако има ,,плус три”, односно 7:4, влегоа во серија на технички грешки. Домаќинот полека се враќаше во игра, направи серија од 3:0 израмнувајќи го резултатот на 7:7.

Резултатот во првото полувреме уште во два наврати беше нерешен (8:8, 9:9). По серијата на погодоци на двете страни, избраниците на Бисинов во финишот од првиот дел одиграа одлично во двата правци, успеаја за момент да го сопрат најекспонираниот Лисичков и на полувреме заминаа со предност од 13:10.

Вториот дел донесе интересна борба на теренот, но и два црвени картони во редовите на гостинскиот тим. Гевгеличани за неколку минути игра во второто полувреме направија камбек и израмнија на 14:14.

Воедно, тоа беше и последното израмнување на дуелот во Велес, бидејќи домаќините до крајот одржуваа предност, која во поголемиот дел од последните 15 минути изнесуваше три гола.

Бисинов во финишот можеше од готово да направи вересија и да остане само со еден освоен бод. Велешани иако водеа со 27:24, сепак, гостите не се предаваа и со двајца ракометари помалку се изборија за егал, намалија на 27:26, но не остана време да се изборат за барем бод.

Црвен картон во 49 минута поради три исклучувања заработи членот на Партизан, Армен Садиковиќ. Десет минути подоцна, исто така поради три исклучувања, на трибините мораше да се пресели неговиот соиграч Димитар Минов.

Листата на стрелци кај Бисинов беше предводена од Мартин Иванов со осум погодоци. Половина од головите во поразениот табор беа дело на Горан Лисичков, кој имаше 13 реализации во голот на домаќините.