Закажани дел од пријателските натпревари: Вардар против ПИК Сегед и Нексе на „Кањижа Куп“

Раководството и стручниот штаб на европскиот првак Вардар веќе го прават планот на подготовките за следната сезона.

Веќе е потврдено учеството на традиционалниот турнир во Кањижа, кој ќе се одржи кон крајот на август. Покрај Вардар, ќе играат и унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед, како и хрватскиот Нексе Нашице.

Во зависност од тоа каков систем ќе одбере организаторот (со четири екипи, полуфинале и финале, или шест екипи во две групи по три, па дуели за пласман) на турнирот ќе игра или уште една или уште три екипи.

„Црвено-црните“ го освоија овој турнир во 2015 година, кога во финалето беа подобри токму од ПИК Сегед.

Вардар во следната сезона ќе игра во СЕХА лига и во Лигата на шампионите. Новото издание на регионалната конкуренција, тимот на Стевче Алушовски ќе го започне на почетокот на септември, а во ЛШ на 16 или 17 септември.