„Задоволство ќе биде да се соработува со Душебаев, не размислував многу пред да го изберам Келце“

Ракометарот на ПСЖ, Дилан Нахи од следната сезона ќе настапува во Келце.

Левото крило во интервју за веб-сајтот на Француската ракометна федерација, зборуваше за неговиот трансфер во Келце и истакна дека е задоволство да се соработува со Талант Душебаев.

„Изборот за Келце беше направен многу брзо и среќен сум што ќе играм за клубот. Но, сега сум 100% фокусиран на ПСЖ и на неговите настапи во Лигата на шампионите, домашниот шампионат и Куп трофејот на Франција”, изјави Нахи.

На Нахи тренер во ПСЖ му беше Раул Гонзалес, а во новата сезона во Келце тренер ќе му биде повторно Шпанец. За Талант Душебаев има само пофални зборови.

„Знам дека тој е одличен тренер и добра личност. Можноста да работам со него, ја сметам за задоволство. Зборував за ова и со Лук Абало, кој работеше со него во Сиудад Реал многу години. Слушнав само позитивно мислење и едвај чекам да работам со него. Уште еднаш ќе повторам, ќе биде пријатно да се работи со него, но сѐ има свое време”, заврши Нахи.

Дилан Нахи нема да биде единствен нов ракометар во полскиот шампион. Во следниот период треба да пристигнат неколку нови засилувања во Келце.