Загреб продолжи да доминира, ја заврши сезоната во Хрватска без пораз

Во последното коло од шампионатот на Хрватска, Загреб го доби дерби натпреварот против Нексе со 22:19 и ја потврди титулата. Со победата над Нексе, Загреб натпреварувачката сезона во домашниот шампионат ја заврши без пораз.

Првото полувреме помеѓу вечните ривали во хрватскиот ракомет помина во неизвесна борба, а ракометарите на Загреб по 30. минути игра имаа предност од еден гол, 10:9.

Во вториот дел, Загреб се одлепи на 18:14 и не дозволи да има изненадување во последниот натпревар. Нексе во последните минути ја намали разликата на три негатива.

Најефикасни во составот на Загреб беа Давид Мандиќ и Алекс Влах со по пет гола. Во екипата на Нексе, Халил Јагањац ги предводеше стрелците со шест гола.

Овој викенд ќе се одржи и завршницата од Купот на Хрватска. Загреб е фаворит за освојување на титулата во Купот, но Нексе ќе даде сè од себе да ја поправи лошата сезона и да го освои првиот трофеј во својата купска историја.