Загреб од губитник дојде до финалист на СЕХА

Екипата на ППД Загреб до Ф4 турнирот стигна на „зелена маса“ откако на терен ја загуби битката против Вардар, а денеска во Задар против Мешков Брест дојде до победа со 38:37 после изведување на удари од седум метри за место во финалето.

Иако Мешков Брест важеше за фаворит пред почетокот на натпреварот, сепак, на теренот работите не одеа така добро. ППД Загреб имаше противигра и постојано парираше, па не дозволуваше противникот да направи предност.

Постојано резултатот беше тесен и имаше неизвесност така што нијанси беа во прашање додека се отвораше средбата. Таквата игра донесе минимална предност до средината на полувремето кога немаше поголема позитива од еден гол. Веднаш потоа Мешков Брест направи 10:8, но овие плус два ги загуби за четири минути кога Загреб израмни на 10:10.

Брзо после ова Загреб успеа и да поведе и да го диктира резултатот, но после 13:12 во 25. минута противникот со 3:0 го сврте резултатот и до крајот на првиот дел ја имаше позитивата, а на одмор замина со 16:15.

Уште при отворањето на второто полувреме Загреб ја презеде иницијативата и контролата на резултатот. Постојано беше во предност, а највисоката ја достигна при 26:22 во 48. минута после серија од 5:0. До крајот следуваа возбудувања бидејќи следуваше враќање на Мешков Брест, а израмнувањето дојде на минута до крај на 31:31.

Тука следуваше драма во која прво Обрановиќ донесе 32:31 за Загреб на седум секунди до крај, а потоа Санталов после тајм-аутот казни со шут од повеќе од десет метри за 32:32 и пенал рулет.

После дури седум серии на изведени удари од седум метри, Загреб се радуваше на победа откако Чупиќ го реализирше клучниот удар кој донесе место во финалето за шампионот на Хрватска. На тој начин Загреб од губитник прво на „зелената маса“ стигна до Ф4 турнирот, а потоа со пенали заврши во финалето на СЕХА лигата.

Поранешниот Вардарец Иван Чупиќ со десет гола беше најефикасниот на овој натпревар, додека во Мешков Брест Вајлупов со девет гола беше прв стрелец.

ПЕНАЛ РУЛЕТ

МЕШКОВ БРЕСТ – ППД ЗАГРЕБ 37:38 (32:32, 16:15)

0:1 Чавар

1:1 Вајлупов

1:2 Сиротиќ

2:2 Малус

2:2 Клис (го промаши голот после шут од подот)

3:2 Баранов

3:3 Шипиќ

3:3 Скубе (Ивиќ го брани неговиот шут)

3:4 Чупиќ

4:4 Јуринок

5:4 Вајлупов

5:5 Чавар

5:5 Малус (Славиќ го брани неговиот шут)

5:6 Чупиќ