Завршниот турнир во „јужна“ СЕХА ќе се игра во Охрид?

Екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Партизан и подобриот од двобојот меѓу Загреб и Нексе, би требало да играат на завршен турнир во дивизијата „Југ“ од СЕХА лигата, кој има шанси да се одржи и во Македонија.

Откако беа откажани четвртфиналните дуели меѓу екипите од дивизиите „Југ“ и „Исток“, од раководството на СЕХА, открија дека руските и белоруските екипи ќе играат на „источниот“ Ф4 во Санкт Петербург од 6 до 8 јуни.

Се уште нема конкретни информации околу местото на одигрување на Ф4 во јужната дивизија, но според извори на 24Ракомет има шанси тоа да бидат Охрид и СРЦ „Билјанини Извори“.

Ваквата можност веќе била разгледувана на состаноците на СЕХА раководството, но покрај Охрид во комбинација стандардно останува и Задар, каде што Ф4 се играше последните три сезони.

Македонија досега беше домаќин два пати, во 2013 и во 2018 година, а во меѓувреме најдобрите четири екипи во СЕХА играа и во Загреб, Нови Сад, Веспрем, Вараждин и Брест на два пати.

Вардар и Веспрем се најтрофејните екипи во оваа натпреварување со по пет титули.