Заврши СП 2023, каков е патот на Македонија до СП 2025?

Со финалето меѓу Данска и Франција беше спуштена завесата на 28. Светско првенство во Полска и Шведска. Скандинавците ја одбранија титулата и третпат по ред се светски шампиони. Згора на се, ќе бидат домаќини на следниот таков собир и ќе имаат убава шанса да ја продолжат долгата низа.

Македонија одигра првенство за заборав и го освои 27 место со три победи и четири порази. Следното големо натпреварување на кое ќе игра нашата репрезентација ќе биде ЕП 2024 година во Германија, каде што пласманот е веќе обезбеден, но тешкото доаѓа за СП 2025 година што ќе се игра во Хрватска, Данска и Норвешка.

Во зависност од резултатите на претстојниот континентален собир, Македонија ќе игра еден или два баражи за Мундијалот во 2025 година. Со оглед на настапот на ЕП 2024 ќе ги избегнеме претквалификациите во ноември 2023 и јануари 2024 година, па главното за нашата селекција ќе бидат баражите во ЕХФ неделите во март и во мај 2024 година.

Во време кога ќе се игра првиот бараж, ќе се играат и квалификациите за Олимписките игри, јасно е дека тие европски селекции што ќе играат во оваа фаза, ќе добијат директно место во вториот бараж како носители, па многу е веројатно дека Македонија во зависност од пласманот на ЕП, ќе мора да игра два баражи, или евентуално еден ако има добар пласман на ЕП, но би била во редот на неносители, односно во втор шешир пред ждрепката.

ЕХФ допрва треба да потврди како ќе изгледаат квалификациите и баражите за СП 2025 година.

Досега на СП место имаат обезбедено домаќините Данска, Норвешка и Хрватска, а местото како светски првак што добива билет за следниот Мундијал, Данците и го препуштаат на Франција. Покрај овие четири селекции, САД доби вајлд-карта, па останува од континенталните шампионати да се пополнат уште 27 места. Од ЕП 2024 година на СП ќе патуваат медалистите, а за европскиот континент ќе има уште 10 билети.