ЕХФ шампионат: Чешка прва резервира билет за СП 2023 и ЕП 2024!

На ЕХФ шампионатот за кадети во Израел денес се одигра финалето меѓу домаќинот и репрезентацијата на Чешка. Во неизвесен натпревар до самиот крај, Чешка успеа да триумфира, со резултат 25:24 (12:13).

Одлична партија во репрезентацијата на Чешка имаше Јосеф Јонас. Левиот бек постигна 10 погодоци, со што беше најзаслужен за триумфот над домаќинот.

Првото место на репрезентацијата на Чешка и донесе место на младинското ЕП 2024 и кадетското СП 2023 година.

Во Романија се одиграа полуфиналните средби на вториот ЕХФ шампионат. Репрезентацијата на Австрија го доби полуфиналниот дуел против Романија после изведувањето на пенали со 31:30, откако регуларниот дел заврши нерешено, 26:26 (13:11).

Противник на Австрија во битката за трофеј, како и за место на младинското ЕП 2024 и кадетското СП 2023 година, ќе биде репрезентацијата на Украина, која во второто полуфинале славеше против Финска со три гола разлика, 36:33 (19:13).

Во Летонија, исто така се одиграа полуфиналните средби на ЕХФ шампионатот. Како што е веќе познато, нашата репрезентација беше убедлива во полуфиналниот дуел против Луксембург, 32:22 (15:9), додека во второто полуфинале, Швајцарија без проблеми триумфираше против Летонија, 40:22 (15:12).