ЕХФ потврди: Македонија ќе игра на СП за кадетки во 2022 година!

Европската ракометна федерација денеска ги потврди и ги официјализираше учесниците од европскиот континент на Светското кадетско првенство во Грузија следната година.

Женската селекција на Македонија со освоениот златен медал на ЕХФ шампионат во Литванија, стигна до тројна добивка – место на ЕП за кадетки и младинки во 2023 година, како и Мундијалот за кадетки во 2022 година.

Покрај Македонија, место обезбедија уште 14 европски селекции – Холандија, која го освои вториот ЕХФ шампионат во Грузија, како и селекциите што се пласираа од 1 до 13 место на ЕП во Црна Гора.

Тоа се репрезентациите на Унгарија, Германија, Русија, Данска, Хрватска, Норвешка, Романија, Црна Гора, Швајцарија, Португалија, Франција, Шведска и Чешка, а директен пласман има и домаќиот Грузија, што значи дека вкупно 16 европски селекции ќе играат на СП.

Кадетскиот Мундијал ќе се игра следната година од 3 до 14 август.

За Македонија ова ќе биде втор настап на СП во оваа категорија, а првиот беше во 2014 година, кога бевме домаќини.