ЕХФ меѓу редови најави: Вардар е веќе елиминиран од Лигата на шампионите!

Европската ракометна федерација по вторпат го презакажа завршниот турнир во Лигата на шампионите, кој сега треба да се игра на 28 и 29 декември на истото место – „Ланксес Арена“ во Келн.

Ф4 викендот од Лигата на шампионите првично беше закажан за 30 и 31 мај. Сепак, во светлото на светската здравствена криза, веќе беше преместена еднаш на својот прв алтернативен датум – 22 и 23 август, пред повторно да се одложи.

„Од гледна точка на европскиот клупски ракомет – ова мислење беше поддржано од главните клупски претставници на координативната средба минатата недела – постои заедничка волја да се организира ЕХФ Ф4 во 2020 година“, изјави Михаел Видерер, претседателот на ЕХФ.

На состанокот на 24 април, Извршниот комитет на ЕХФ ќе донесе одлука за тоа како ќе заврши европската ракометна сезона 2019/20 година. Ова исто така ќе вклучува и објава на „Патот до Келн“, т.е. квалификација на клубови на Ф4 турнирот 2020.

„Во секој случај, ова ќе биде одлука заснована врз спортски резултати постигнати во веќе завршени рунди“, рече Видерер.

Ако читате меѓу редови, тоа значи дека ЕХФ не планира да се одиграат осминафиналните и четвртфиналните средби во ЛШ, па на завршниот турнир ќе играат прво и второпласираните екипи по групната фаза – Барселона, Кил, Веспрем и ПСЖ.