ЕХФ Куп: Кокс и Горење блиску до третото коло, ЧСМ Букурешт со триумф се враќа од Горњи Вакуф

Голем број натпревари во европските купови беа откажани, а само мал дел од нив се играа. Беа одиграни само десет натпревари во ЕХФ купот за мажи и жени и Лигата Европа за жени.

Во ЕХФ купот за мажи победи остварија Грачаница од БиХ, Кокс од Финска, Горење од Словенија и ЧСМ Букурешт од Романија. Грачаница на гостувањето кај Одеса во Украина беше подобра со 22:28 пред реваншот утре на истото место, додека Кокс на свој терен убедливо славеше против Драгунас од Литванија со 33:24.

Горење оствари убедлива победа на домашен терен против Сиена со 32:20, иако по првиот дел словенечкиот тим имаше само гол позитива 13:12. Втооиот претставник од БиХ, Слога Горњи Вакуф, беше поразен од романскиот ЧСМ Букурешт со 23:30. Вчера тимот на Иштад од Шведска славеше над литванската Свиеса со 36-33, а реваншот го игра исто така дома.

Во ЕХФ купот за жени се одиграа четири натпревари, а победи во првите дуели остварија Муратпаша и Елче, а босанскиот Груде веќе обезбеди место во осминафиналето. Турскиот претставник беше супериорен во дуелот со косовскиот Феризај и славеше со 40:15, па реваншот утре е формалност. Груде ја совлада екипата на Рудар со 30:22 и обезбеди пласман во следното коло, по вчерашното реми 29-29. Во шпанскиот дуел Елче славеше против Гранољерс со 26:22 со пресврт во вториот дел откако првото полувреме им припадна на гостите со 11:12.

Во Лигата европа за жени се одигра еден натпревар и тоа помеѓу германските претставници Турингер и Блумберг во кој славеше гостинската екипа со 27:31. Гостите имаа предност на полувреме од 14:17 што беше доволно за изненадувачка победа.