ЕХФ делегираше судии за дуелот во Порто: Вардар не победил ниеднаш кога „свират“ Мартон и Хорват!

Европската ракометна федерација ги делегираше арбитрите за натпреварите од 13. коло во групната фаза од Лигата на шампионите.

Натпреварот што е решавачки дали Вардар ќе го освои петтото место на табелата ќе се игра в сабота со почеток во 16:00 во Порто. Овој дуел во „Драгао Арена“ ќе го судат унгарските арбитри Балаж Мартон и Петер Хорват, а делегат ќе биде Норвежанецот Дагфин Вилангер.

Историјата со овие арбитри за Вардар не е баш пријатна, иако досега му суделе на само три натпревари, од кои два се многу одамна.

Унгарците ја делеле правдата на средбите од Челинџ Купот во 2005/2006 година против романската Стеауа (Вардар загуби со 34-29) и во 2008/2009 година против грчкиот Филипос (Вардар загуби со 30-27).

Последната средба на „црвено-црните“ што ја суделе Мартон и Хорват се одигра во Скопје во ЛШ од сезоната 2017/2018, кога Вардар одигра само 31-31 против Висла Плоцк.

Овие арбитри два пати му суделе и на Металург, и погодувате тимот од Автокоманда на два пати загубил – од Кил и од Горење оваа сезона.