ЕХФ ги избра најдобрите на сезоната – Дибиров најдобро лево крило

Европската ракометна федерација (ЕХФ) по повод од 30-годишнината од своето постоење, денес на свечена манифестација во Виена ја отвори „Куќата на славните, но и по првпат ги избра најдобрите играчи за изминатата сезона 2022/23.

Наградите за МВП на сезона 2022/23 завршија во рацете на Симон Питлик од ГОГ и Катрин Лунде од Вајперс Кристијансад.

Питлик, кој е меѓу новите репрезентативци на Данска, одигра одлична сезона. 22- годишниот лев бек со својата репрезентација стигна до златото на Светското првенство во Полска и Шведска и на Мундијалот беше дел од ол-стар тимот, односно беше избран за најдобар на својата позиција.

Со неговиот довчерашен клуб ГОГ стигна до пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите и најквалитетното европско натпреварување го заврши со 92 погодоци, со што беше меѓу најдобрите пет стрелци. Одличните настапи му донесоа и трансфер во бундеслигашот Фленсбург.

Голманката Катрин Лунде иако има 43 години, сепак, брани како во најдобрите денови. Во изминатата сезона со репрезентацијата на Норвешка го освои првото место на Европското првенство, кое се одржуваше во Македонија, Словенија и Црна Гора, како и златото во Лигата на шампионите.

Искусната голманка со Вајперс Кристијансад веќе три сезони по ред ја освојуваат титулата во Лигата на шампионите. Голем удел за успехот на норвешкиот шампион има токму ветеранката, која во својата клупска кариера има освоено дури седум титули.

Екс ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров, кој настапува за Загреб, беше избран за најдобро лево крило во изминатата сезона.

ЕХФ соопшти дека на позиција десен бек кај дамите – Нора Морк и Ана Грос имале ист број на гласови, така што и двете ракометарки ја добија наградата за извонредност од европската ракометна куќа.

Машки идеален тим на сезона 2022/23

голман – Никлас Ландин – Данска/ Кил

лев бек и МВП – Симон Питлик – Данска/ ГОГ

лево крило – Тимир Дибиров – Русија/ Загреб

среден бек – Лук Стеинс – Холандија/ ПСЖ

десен бек – Матијас Гидсел – Данска/ Фуксе Берлин

десно крило – Ханс Линдберг – Данска/ Фуксе Берлин

пикер – Лудовик Фабрегас – Шпанија/ Барселона

дефанзивец – Тијагуш Петруш – Бразил/ Барселона

Женски идеален тим на сезона 2022/23

голман и МВП – Катрин Лунде – Норвешка/ Вајперс

лев бек – Кристина Неагу – Романија/ ЧСМ Букурешт

лево крило – Ема Фрис – Данска/ Икаст

среден бек – Хени Рејстад – Норвешка/ Есбјерг

десен бек – Ана Грос – Словенија/ Ѓер, Нора Морк – Норвешка/ Есбјерг

десно крило – Ангела Малештајн – Холандија/ ФТЦ

пикер – Вилде Ингстад- Норвешка/ Вајперс

дефанзивец – Катрин Хајндал – Данска/ Есбјерг

Македонската легенда Кирил Лазаров во „Куќата на славните“ на ЕХФ!