Еурофарм Пелистер со негатива на пауза против Бидасоа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер губат со 20-12 на полувремето од дуелот против шпанска Бидасоа од петтото коло во Лигата на Европа.

По почетните 2-2, домаќините искористија две грешки на битолчани и поведоа со 4-2. Таквата предност ја одржуваа во продолжение иако играа со двајца играчи помалку и постигнаа дури два погодоци.

При 8-7 за Бидасоа, нашиот тим не искористи шанса да израмни преку Танкоски, па шпанскиот состав се одлепи на плус три, 10-7 по петнаесетина минути игра. Валтер побара тајм-аут, но и по минутата одмор, Бидасоа постигна уште еден гол за 11-7.

Постот од шест минути без гол го прекина Хенеберг со реализараниот пенал за 11-8, но подоцна Бидасоа стигна и до плус пет, 13-8. При 14-10, Данецот промаши удар од седум метри, а шпанскиот тим лесно ја пробиваше одбраната на битолчани.

Домашниот голман Харбауи влезе во серија одбрани, па на три минути до крајот на полувремето беше и 18-11. Бидасоа со голот од пенал по истекот на времето стигна до највисоката предност дотогаш, 20-12, и најави дека бодовите ќе останат дома.